„Ако некој директно работел против интересите на Албанците, тоа се Али Ахмети и кројачот на дворски игри, Бујар Османи, човекот кој го донесе Лавров во Скопје, кој делеше тендери за рентакар како бакшиш за своите луѓе и издаваше дипломатски пасоши на кого ќе стигне, вклучувајќи ја и Татјана Димитровска, сега осомничена за оддавање службени тајни во случајот ‘Адитив‘“, пишува во соопштението од коалицијата
Само политички слепци не гледаат дека ако локалните и парламентарните избори се одржат заедно ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со над 60 пратеници, велат денеска од коалицијата ВЛЕН. Реакцијата доаѓа на барањата на Демократската унија за интеграција (ДУИ), покрај локалните, во октомври да се одржат и предвремени парламентарни избори.

„ДУИ не извлече никаква поука. Така, Ахмети во кампањата на изборите во мај минатата година во мачо-стил делеше гурабии и бисквити, за после кога го виде резултатот, да се понуди со четири министерства, без претседател на Собранието, со цел да влезе во Владата наместо ВЛЕН“,
велат од коалицијата.
Оттаму сметаат дека ДУИ само продолжува да ја зајакнува ВМРО-ДПМНЕ со лаги за наводна дестабилизација, плашејќи го сопствениот народ со празни приказни.
„Ако некој директно работел против интересите на Албанците, тоа се Али Ахмети и кројачот на дворски игри, Бујар Османи, човекот што го донесе Лавров во Скопје, што делеше тендери за рентакар како бакшиш за своите луѓе и издаваше дипломатски пасоши на кого ќе стигне, вклучувајќи ја и Татјана Димитровска, сега осомничена за оддавање службени тајни во случајот ‘Адитив‘“,
пишува во соопштението од ВЛЕН.
Од коалицијата додаваат и дека на фер и демократски избори, ВЛЕН не само што ќе ја избрише ДУИ од политичката мапа, туку конечно ќе ја испрати онаму каде што одамна ѝ е местото – во политичката историја.
На конференција во Љубљана, поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, зборувајќи за ситуацијата во Северна Македонија и нејзините предизвици во пристапниот процес кон ЕУ, рече дека доколку во земјата годинава одржи предвремени парламентарни избори, тогаш ќе се отвори нејзиниот прв четиригодишен реформски прозорец кон Унијата во последните две децении.