Првата причина за ваквата омраза, е затоа што ДУИ ја интегририрала државата во НАТО, чекор што, според партијата, ги вознемирил руските спонзори и не дозволил државата да се приклучи во „српскиот свет“
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска реагираа на изјавата на вицепремиерот, министер за транспорт и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој во синоќешното интервју за „360 степени“ рече дека евентуална соработка на Таравари со партијата на Али Ахмети би било политичко самоубиство.

Интегративците во ваквата изјава на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ гледаат докази за, како што велат, две работи, од кои едната е омразата кон ДУИ и Албанците.
„Изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека соработката на една албанска партија со ДУИ е политичко самоубиство не е ништо друго освен: доказ за нивната опасна амбиција за инженеринг на албанската политичка сцена, со цел создавање на марионетска албанска структура под целосна контрола и истовремено доказ за нивната омраза и одмазда кон ДУИ и Албанците – мотивирана од длабоки геополитички, антиевропски и шовинистички цели“,
се вели во реакцијата од Мала Речица.
Од партијата во пет точки го наведуваат и одговорот на прашањето што реторички го постапуваат: „Зошто оваа омраза кон ДУИ и Албанците?“.
Првата причина, според нив, е затоа што ДУИ ја интегрирала државата во НАТО, чекор што, според партијата, ги вознемирил руските спонзори и не дозволила државата да се приклучи во „српскиот свет“.
„Второ, затоа што ДУИ ја одржа европската перспектива на државата, што ги исплаши олигарсите кои се надеваа дека, држејќи ја државата надвор од ЕУ, ќе го задржат монополот врз нивните криминални приватизации. Трето, затоа што преку европската агенда, државата е ставена под строго набљудување преку поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото. Ова ги плаши корумпираните политичари кои очекуваа да продолжат со своите активности во мракот на правна неказнивост“,
се наведува во соопштението.
Четвртата причина за омразата, од ДУИ ја лоцираат во имплементацијата на Рамковниот договор, кој, според нив, донел еднаквост меѓу сите заедници во земјата, што пак од друга страна, како што велат, ги вознемирува националистичките кругови кои сонуваат за етничка надмоќ врз другите граѓани.
Амбицијата за создавање марионетска албанска структура која ќе и служи на актуелната власт, која според ДУИ води антиевропски, дискриминаторски и, со тоа, антидржавни политики, за партијата на Али Ахмети е петтата причина за ваквиот наратив на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, манифестиран преку потпретседателот на партијата, Александар Николоски.
„Ова се вистинските причини за нивната фобија од ДУИ – затоа што ДУИ промовира држава на еднакви, го чува мултиетничкиот карактер, ги отвори евроатлантските порти и ја оддалечи земјата од авторитарните и антиевропските проекти. ВМРО-ДПМНЕ никогаш повеќе нема да одлучува за политичкото претставување на Албанците. Албанците ќе одлучуваат самите“,
се вели на крајот од реакцијата.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вицепремиер и министер за транспорт во Владата, Александар Николоски, во синоќешното интервју за „360 степени“, емитувано на МРТ 1, изјави дека партијата нема да отстапи од изборното ветување дека ДУИ ќе биде во опозиција.
Коментирајќи ги превирањата во коалицијата ВЛЕН, односно на крилото на Алијанса за Албанците на министерот за здравство Арбен Таравари да оди со свои советнички листи на локалните избори и да остави отворена врата за соработка со партии од опозицијата, Николоски рече дека доколку некој смета дека треба да соработува со ДУИ, тогаш секако ќе биде во опозиција.
Според него, освен евентуална соработка со ДУИ, не постојат други причини поради кои ВМРО-ДПМНЕ или премиерот би размислувале за прекинување на партнерството со Таравари бидејќи тој како министер ужива доверба меѓу членовите на кабинетот на Мицкоски.

Николоски рече оти е уверен дека исклучително искусен политичар како Арбен Таравари нема да повлече потег со кој би си ги загрозил сопствените позиции, а соработката со ДУИ би била маневар со кој тој би си ги затворил вратите во владината коалиција.
„Тој е многу политички искусен. Јас можеби најмногу од сите што сме во постојнава влада сум го критикувал, но ако тоа го тргнеме настрана, факт е дека тој е политички искусен и не мислам дека е до толку, ај сега обратно да кажам – наивен, да влезе во соработка со ДУИ. Мислам дека малку и јавноста го потценува и не очекувам дека ќе направи чекор каде што политички би се самоубил. Би бил изненаден да покаже таква политичка наивност. Се разбира, не исклучувам такво сценарио, но би бил многу изненаден ако тоа се случи“,
рече Николоски во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1.