Шпанскиот оператор за електрична енергија „Ред електрик“ објави дека речиси 99 проценти од капацитетот е обновен

Од утрово снабдувањето со електрична енергија е вратено во неколку региони низ Шпанија и Португалија каде што вчера имаше прекин.
Шпанскиот оператор за електрична енергија „Ред електрик“ објави дека речиси 99 проценти од капацитетот е обновен. Според националниот оператор на електричната мрежа, струјата е вратена преку ноќ за околу 6,2 милиони домаќинства во Португалија од вкупно 6,5 милиони. Светлата повторно се вклучени и во Мадрид и во главниот град на Португалија, Лисабон.
Португалскиот премиер, Луис Монтенегро, вели дека изворот на прекинот е „веројатно во Шпанија“, пишува „Гардијан“.
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, пак, вели дека се анализираат сите потенцијални причини и ја предупреди јавноста да не шпекулира поради ризикот од „дезинформации“.
Санчез додава дека прекинот на електричната енергија започнал во 12:33 часот, кога, во траење од пет секунди, 15 гигавати од енергијата што се произведувала – еквивалентна на 60 отсто од целата енергија што се користела – одеднаш исчезнала.
„Тоа е нешто што никогаш порано не се случило. Она што го предизвикало ова ненадејно исчезнување на снабдувањето е нешто што експертите сè уште не можеле да го утврдат. Сите потенцијални причини се анализираат и не се исклучува никаква можност“,
додава Санчез.
Tras una noche intensa, se ha logrado restablecer el 99,95% de demanda energética atendida y el 100% de las subestaciones de la red de transportes están repuestas.
— Pedro Sánchez (@sanchezcastejon) April 29, 2025
En unos minutos volveremos a reunirnos en el Consejo de Seguridad Nacional para analizar la situación actual.…
Санчез во објава на својот профил на Икс вели дека ќе има состанок на Советот за национална безбедност за да се разговара за моменталната ситуација.
Националниот центар за сајбер безбедност на Португалија соопшти дека нема знаци дека прекинот е резултат на сајбер напад.
Вчера, министерот за внатрешни работи на Шпанија прогласи вонредна состојба и распореди 30 000 полицајци низ целата земја за одржување на јавниот ред.
Владите на двете земји одржаа итни состаноци поради прекинот на електричната енергија, чии размери се невидени во Европа.
Околу 15 000 службеници од Националната полиција и 15 000 службеници од Цивилната гарда беа распоредени на улиците за одржување на јавниот ред и мир.
Прекинот во снабдувањето со електрична енергија предизвика застој на метроата и железничкиот сообраќај, телефонските услуги, исто така, беа погодени, а исклучени за 50 милиони луѓе кои живеат на Пиринејскиот Полуостров останаа и семафорите на сообраќајниците и банкоматите.
По прекинот на струјата, шпанските аеродроми работеа на резервни електрични системи, а некои летови беа одложени.