Според министерот за трговија на САД, Хауард Латник, ова е голема победа за трговската политика на Трамп бидејќи ги наградува компаниите што произведуваат во САД, а истовремено им дава простор на производителите што ветиле дека ќе инвестираат во земјата и ќе го прошират производството
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп планира да го намали влијанието на царините за автомобилите, со олеснување на одредени давачки за увозните делови што се користат во возилата произведени во Соединетите Американски Држави (САД), истовремено задржувајќи ги тарифите за странските автомобили, пренесува Ројтерс.

„Претседателот Трамп гради важно партнерство и со домашните производители на автомобили и со американските работници“,
рече министерот за трговија на САД, Хауард Латник.
Според него, ова е голема победа за трговската политика на Трамп бидејќи ги наградува компаниите што произведуваат во САД, а истовремено им дава простор на производителите што ветиле дека ќе инвестираат во земјата и ќе го прошират производството.
„Волстрит журнал“, кој прв објави за развојот на случувањата во автомобилската индустрија, објасни и дека овој потег значи дека на автомобилските компании што плаќаат тарифи нема да им се наплаќаат други давачки, како што се оние за челик и алуминиум, но и дека ќе бидат дадени надоместоци за она што веќе било платено.
Трамп денеска патува за Мичиген за да ги одбележи неговите први 100 дена на функцијата.
Производителите на автомобили вчера соопштија дека очекуваат американскиот претседател да објави олеснување на царините за автомобили пред неговата посета на Мичиген, држава во која се наоѓаат големи автопроизводители и повеќе од 1 000 главни добавувачи на делови.
Трамп претходно најави дека планира да воведе царини од 25 отсто за автоделови најдоцна до 3 мај годинава.
Минатата недела, коалицијата на здруженија на американската автомобилска индустрија го повика Трамп да не наметнува тарифи од 25 отсто за увезените автоделови, предупредувајќи дека тоа ќе ја намали продажбата на возила и ќе ги зголеми цените.