Образложувајќи ги причините за интерпелацијата, пратеникот Сашко Јанчев од редовите на Левица рече дека таа е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагедијата во Кочани, што се случи на 16 март
Пратениците денеска треба да расправаат за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на Левица. Пленарната седница е закажана за 11 часот.

Интерпелацијата за Тошковски е поднесена на 14 април бидејќи, како што посочија од Левица, министерот несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно, што резултира со противзаконски дејствија, скандали и кадровски поместувања во Министерството за внатрешни работи (МВР).
Образложувајќи ги причините за интерпелацијата, пратеникот Сашко Јанчев од редовите на Левица рече дека таа е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагедијата во Кочани, што се случи на 16 март.
„Од петте основи врзани со трагедијата во Кочани, првата е за немање никаква контрола врз дискотеката, што е изречно законска обврска на МВР. Потоа се нелегалната употреба на пиротехнички средства и неукажувањето помош од страна на полициските службеници“,
рече тој.
Според него, МВР отфрлило и во тоа што долг период во истрагата не биле вклучени функционери и носители на функции блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, против Тошковски беше поднесена интерпелација и во јануари годинава, заедно со уште четири интерпелации на владини министри.
Тогаш интерпелациите ги поднесе „Европскиот фронт“, предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Но, интерпелацијата за него тогаш не ја доби поддршката на мнозинството пратеници.
Претседателот на Собранието Африм Гаши уште минатата недела најави дека на пленарна седница на 29 април, се очекува да биде ставена на дневен ред интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.