Ваков статус побараа регионите на Мадрид, Андалузија и Екстремадура, со што централната влада го презеде одржувањето на јавниот ред и други функции во регионална надлежност
Шпанскиот премиер Педро Санчез вечерва изјави дека речиси 50 проценти од снабдувањето со електрична енергија во земјата е обновено по денешниот прекин поради што беше прогласена вонредна состојба, пренесе „Гардијан“.

Без електрична енергија денеска остана целиот Пиринејски Полуостров, односно Шпанија и Португалија, што предизвика хаос во секојдневниот живот на граѓаните на двете земји.
„Граѓаните можат и треба да бидат безбедни“,
изјави Санчез, откако надлежните почнаа со постепено враќање на електричната енергија во мрежата.
Властите сè уште не утврдиле што го предизвикало прекинот на електричната енергија и не исклучуваат никаква хипотеза, додаде тој во телевизиско обраќање, пренесе „Гардијан“.
Карлос Моедас, градоначалникот на главниот град на Португалија, Лисабон, вечерва ги повика жителите на градот утре да останат дома и да не ги праќаат децата на училиште, бидејќи сè уште траат напорите за нормализирање на снабдувањето со електрична енергија на земјата.
Според португалската редакција на Си-ен-ен, Моедас најавил дека ситуацијата се очекува да се стабилизира утре попладне.
Претходно денеска, шпанските власти прогласија вонредна состојба во земјата, а припадници на државните безбедносни сили распоредија патроли низ цела Шпанија.
Ваков статус побараа регионите на Мадрид, Андалузија и Екстремадура, со што централната влада го презеде одржувањето на јавниот ред и други функции во регионална надлежност.
Околу 15 000 службеници од Националната полиција и 15 000 службеници од Цивилната гарда беа распоредени на улиците за одржување на јавниот ред и мир.
Во состојба на готовност се и резервните единици во случај да се јави неопходност од нивна интервенција, објави шпанскиот весник „Паис“.
Шпанскиот премиер Педро Санчез претходно на прес-конференција изрази надеж за „брзо“ враќање на електричната енергија низ целата земја, повикувајќи ги жителите да се однесуваат „одговорно“.
„Снабдувањето е веќе обновено на неколку територии на северот и југот од полуостровот благодарение на меѓусебните врски со Франција и Мароко“,
рече шефот на владата во обраќањето од неговата резиденција.
Во исто време, гасните централи и хидроелектраните се реактивирани низ целата земја, што треба да овозможи брзо да се врати снабдувањето со електрична енергија низ цела Шпанија, додаде тој.
Прекинот на електричната енергија, од „исклучителни“ размери според шпанскиот оператор на електричната мрежа „Ред електирика“, се случил во 12:30 часот по локално време во Шпанија, што предизвика сообраќаен хаос во Шпанија и во Португалија.
„Сè уште немаме дефинитивни информации за причините за прекинот на електричната енергија“,
изјави шпанскиот премиер повикувајќи ги жителите да се информираат преку официјални комуникациски канали и да не шпекулираат.

Кажа дека Шпанија располага со мерки за решавање на ситуацијата, притоа нагласувајќи дека нема безбедносни проблеми.
„Нашиот болнички систем функционира како што треба, постојат генератори во здравствените центри кои функционираат нормално и имаат високо ниво на автономија. Сакам да ги повикам граѓаните да соработуваат со властите и да дејствуваат одговорно и со граѓанска свест, како што секогаш сме правеле во претходните кризи“,
додаде Санчез.
Прекинот во снабдувањето со електрична енергија предизвика застој на метроата и железничкиот сообраќај, телефонските услуги, исто така, беа погодени, а исклучени за 50 милиони луѓе кои живеат на Пиринејскиот Полуостров останаа и семафорите на сообраќајниците и банкоматите.
По прекинот на струјата, шпанските аеродроми работеа на резервни електрични системи, а некои летови беа одложени.