Сиљановска-Давкова ја спореди состојбата на Уставниот суд со закотвен брод во Вардар бидејќи, како што рече, додека другите земји се плашат од хиперактивни уставни судови, во Северна Македонија се бара негова активност

Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, смета дека изминатите 34 години пропуштено е Уставниот суд да прерасне во четврта власт, коректор на односите меѓу трите власти и заштитник на слободите и правата на граѓаните. Според неа, за да се постигнат вистински промени, оваа институција мора да се одважи и да ја преземе својата надлежност, градејќи ја уставната демократија и независно однесувајќи се кон останатите власти.
Сиљановска-Давкова на тркалезната маса на тема „Дали ни е потребен Закон за Уставен суд?” што се одржа денеска во Уставниот суд, посочи дека анализата и компаративните примери од другите европски земји се корисни, но дека решението мора да биде порадикално и похрабро.
Таа се откажала од идејата да формира група конституционалисти за нов Устав, бидејќи смета дека политичките пазари во земјата се специфични и оти измените кои ги прифаќаме покрај потребните се такви, што не прават уште поспецифични и оригинални, ама во демократија, треба да сме европски стандардни.
Претседателката го пофали актуелниот состав на Уставниот суд за храбрите чекори што ги презема и нагласи дека не е случајно што оваа дебата се случува токму сега. Таа потсети дека од 1991 година до денес, може да наброи 5-6 уставни судии што оставиле печат на уставната демократија, бидејќи честопати на овие позиции биле назначувани политички или партиски активисти наместо истакнати правници.
Сиљановска-Давкова ја спореди состојбата на Уставниот суд со закотвен брод во Вардар, бидејќи, како што рече, додека другите земји се плашат од хиперактивни уставни судови, во Северна Македонија се бара негова активност.
„На причините што ги наброја претседателот на Уставниот суд, зошто имаме толку малку одредби за уставното судство во Уставот и зошто не е предвиден Закон за Уставен суд, стојат неговите дилеми, но јас имам и една друга причина. Мислам дека тоа од една страна е заради не преголемата или не потребната упатеност на творците на работната верзија на Уставот во уставното судство, а второто веројатно ваквата состојба им овозможуваше на политичките власти, почнувајќи од првиот парламентарен состав до последниот, влијание преку неистакнатите правници“,
изјави Сиљановска-Давкова.
Претседателката предложи реформи кои би опфатиле: проширување на листата на заштита на слободи и права, давање на Уставниот суд право на интервенција и надлежност над меѓународните договори пред ратификација, давање на финален збор на Уставниот суд за референдуми и избори, укинување на автентичното толкување на законите од страна на Собранието и конкретизирање на статусот „истакнат правник“.
Во Уставниот суд денеска се одржа тркалезна маса на тема „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“ која има цел да отвори дебата за потребата од донесување на посебен закон што би го регулирал работењето на Уставниот суд, преку дијалог меѓу претставници на институциите, правната струка и граѓанскиот сектор.
Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски рече дека судот предолго време бил инертен. Реформите, рече Костадиновски, треба да ги иницира самиот суд, оти токму ние најдобро знаеме со што се соочуваме во нашата работа.
Тој смета дека е неопходна реформа на, како што рече, најнереформираната институција во нашата држава.
Воведни обраќања на дебатата имаа и Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија, Петра Дрекслер, амбасадорка на Германија и Анџела П. Агелер, амбасадорка на САД.