„Прецизно се уредува постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет која се поведува по образложено барање на најмалку четири члена на Советот со право на глас. Се предвидува јавност во постапката и таа не смее да биде исклучена во ниту еден случај. Одлуката за разрешување се носи со најмалку осум гласа“, посочи Филков
Сите закони кои се дел од реформската рамка се подготвени и се во финална фаза на усвојување, додека, пак, за речиси две третини од нив изработено е целосно ново законско решение, информираше денеска на прес-конференција, министерот за правда Игор Филков.

Како што посочи тој, веќе е изготвен предлог-законот за Судски совет, за кој рокот за носење е во јуни годинава и истиот е веќе доставен за мислење до Венецијанската комисија.
„Прецизно се уредува постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет која се поведува по образложено барање на најмалку четири члена на Советот со право на глас. Се предвидува јавност во постапката и таа не смее да биде исклучена во ниту еден случај. Одлуката за разрешување се носи со најмалку осум гласа. Појаснување на поимот истакнат правник, се подразбира дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство. Зајакнување на легитимитетот на процесот и постапката за избор на членови на Судски совет од редот на судиите“,
рече Филков кој нагласи дека клучните новини се засновани на предлозите од Оценската мисија.
Други измени со кои се адресираат препораките од Оценската мисија и со кои се унапредува правната рамка се оние во предлог-законот за Јавно обвинителство, за кој, како што рече Филков, рокот за носење е декември годинава.
„Во делот на Јавното обвинителство првпат се предвидува сопствен буџет од најмалку 0,5 отсто од државниот буџет, транспарентна постапка за избор на јавен обвинител и прецизни рокови за унапредување на дисциплински постапки. Направена е градација на дисциплинските повреди – лесни, потешки и најтешки, и предвидени се соодветни дисциплински мерки. Утврдени се и конкретни рокови до кога мора да се заврши дисциплинската постапка, односно во рок од шест месеци со исклучок од посложените случаи девет месеци. За првпат предвиден е рок од три месеци до кога мора да заврши постапката по жалба пред Советот на јавните обвинители“,
посочи министерот за правда.
Тој додаде дека е изготвен и предлог-закон за платите на јавните обвинители, со рок за носење јуни годинава. Целта на овој закон, како што појасни, е да се регулираат правата во делот на платата, додатоците, правото на здравствена заштита и надоместоците на трошоци побрзани со извршување на функцијата во странство на јавен обвинител кој е упатен на работа во странство.
„При крај е подготовката на предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, во кој ќе бидат вградени најургентните измени и дополнување, заради надминување на лоцираните недостатоци. Во тек се последни консултации со МВР заради усогласување на кривичното дело – безобзирно управување со моторно возило, составен дел од проектот ‘Безбеден град’,
наведе Филков и додаде дека рокот за носење на Кривичниот законик е декември 2025 година, како и дека изготвена е работна верзија на нов предлог Кривичен законик, којшто Владата ќе го проследи на мислење до Европската комисија.