Реализацијата на проектот треба да почне на почетокот на следната година, а целосно да биде завршен до крајот на 2027 година

Меѓународен тендер за изградба на 400-киловолтно поврзување со Албанија е објавен денеска, информираат од АД МЕПСО. Со проектот, додаваат од компанијата, се комплетира регионалниот енергетски коридор исток-запад, што е од клучно значење за регионалната интеграција и за енергетската стабилност на државата.
Новиот тендер е објавен откако претходниот изведувач преку неоправдани барања за дополнителни средства и еднострано напуштање на теренот го загрози проектот и јавниот интерес поради што беше раскинат договорот со него.
Со тендерот се предвидува изградба на 100-ина километри надземен далновод од Трансформаторската станица Битола 2 до македонско-албанската граница во вредност од околу 17 милиони евра, финансирани преку заем и грантови од ЕБОР и европските фондови. Рокот на доставување на понуди е 45 дена, а се очекува во третиот квартал од годинава да биде избран најповолниот понудувач. Реализацијата на проектот треба да почне на почетокот на следната година, а целосно да биде завршен до крајот на 2027 година.
„Изградбата на овој интерконектор ќе го позиционира нашиот систем како суштински дел од европската електроенергетска инфраструктура, овозможувајќи стабилно учество на регионалните пазари, пристап до системски балансни услуги и обезбедување на посигурно, поекономично снабдување за сите граѓани“,
рече генералниот директор на АД МЕПСО, Бурим Љатифи, на денешната прес-конференција во Владата.
Изградбата на новиот интерконектор, како што рече Љатифи, ќе значи значајно зголемена отпорност на преносната мрежа со минимизиран ризик од прекини и ценовни шокови, отворен простор за приклучување на нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, стратегиска интеграција на регионалните и европските пазари што долгорочно ќе придонесе за стабилни, достапни и конкурентни цени на електричната енергија.
Љатифи рече дека веќе се исплатени околу 5,8 милиони евра кон претходниот изведувач „Енергоинвест“ од кои околу два милиони евра се вратени преку банкарските гаранции.
„Не би рекол дека има финансиски реперкусии, бидејќи исплатените средства се отидени за набавка на опрема која е наша сопственост и е околу 50 проценти од опремата која ни треба за целосна реализација на проектот. За да потврдиме дека опремата и квантитативно и квалитативно е на ниво, ангажиравме стручни лица од Машинскиот факултет и ФЕИТ кои тоа го потврдија“,
рече Љатифи во одговор на новинарско прашање.
Ангажирани биле, како што кажа тој, и дополнителни стручни лица, консултанти и адвокати за да се дојде до одлуката за прекинување на соработката и распишување на нов тендер.
„За да дојдеме до одлуката ги консултиравме сите сериозни чинители и на крај одлучивме да го раскинеме договорот зашто имаше неосновани финансиски побарувања за дополнителни средства и еднострано напуштање на теренот и условување со зголемени финансиски средства. Сето тоа е во спротивност со договорот и затоа тоа е основниот и најголемиот аргумент за негово раскинување. Освен тоа од 2020 година до сега затекнавме реализација на само 24 од вкупно 269 столбови, што јасно укажува дали имало сериозност во изведувањето и завршувањето на проектот или не“,
додаде Љатифи.