„Соработка со ДУИ и останување внатре во Владата мислам дека не оди. Треба да се определи“, рече првиот вицепремиер и министер и го повика својот коалициски партнер Арбен Таравари да одлучи дали ќе соработува со ДУИ или ќе остане во ВЛЕН
Првиот вицепремиер и министер за животна средина од редовите на ВЛЕН, Изет Меџити, денеска повторно го повика својот коалициски партнер, министерот Арбен Таравари, да одлучи дали ќе соработува со Демократската унија за интеграција (ДУИ) или ќе остане во ВЛЕН и во Владата.

„Легитимно е и има право да соработува со ДУИ, но во тој случај треба тоа да го објави, да не се срами и да премине во тој табор. Соработка со ДУИ и соработка со ВЛЕН не е можна. Соработка со ДУИ и останување внатре во Владата мислам дека не оди. Треба да се определи“,
изјави вицепремиерот.
Mеџити рече дека вчера била одржана редовна владина седница на која, по игра на случајот, не присуствувал министерот за здравство Арбен Таравари, но рече дека на седницата бил присутен вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи од редовите на Алијанса за Албанците.
Прашан дали е точно дека околу 1 мај ќе се одржи средба на премиерот Христијан Мицкоски со министерот за здравство Арбен Таравари и дали ВЛЕН како коалиција ќе биде присутна на тој состанок, Меџити вели:
„Не сме разговарале за тие детали. Тоа се технички работи. Јас кажав за нашите политички ставови – дека не може и со ВЛЕН и со ДУИ и мислам дека нема логика и со ДУИ и дел од Владата.“
Меџити додаде дека секојдневно се работи на процесот на припојување на партиите од коалицијата ВЛЕН во една партија. Потврди дека и неговото име се споменува како потенцијален претседател на новиот политички субјект, но, како што рече, во случајот приоритет се става на ВЛЕН отколку на индивидуалните амбиции.