Прашан од каде сега ќе дојдат тие пари за зголемени плати, ако не се крати од програмите, Љутков рече дека е направена нова пресметка и оти се усогласени Општиот и Посебниот колективен договор

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков се надева дека до утре до 16 часот ќе бидат исплатени платите за март за околу 3 000 луѓе вработени во културата во 120 институции. Тој вели дека околу шест отсто ќе биде во просек зголемувањето на платите кај сите вработени и дека процентот ќе биде согласно двата колективни договора.
Љутков вели дека не било пријатно вработените во културата да се остават без плати за време на празниците и за тоа им се извинил, но, рече, „тоа еднаш мораше да се реши“.
„Имаше две опции во оваа ситуација. Едната беше да се исплатат платите како што биле претходно со последниот месец, февруари. Втората беше да се исплатат така како што досега се исплаќале, според проценките што ги давал синдикатот и Министерството за култура, но никогаш немало согласност за такви плати од Министерството за финансии, а потоа да се прави корекција“,
рече Љутков во гостување во Дневникот на ТВ Сител.
Начинот на кој сега ќе се исплатат платите, додаде Љутков, а кој е во согласност со Министерството за култура, синдикатите и Министерството за финансии и кој е усогласен како треба да изгледа платата и покачувањето во делот на Општиот и Посебниот колективен договор, се решава четиригодишниот проблем.
На новинарско прашање како тоа ќе се направи кога Синдикатот стравува дека тие сепак нема да го добијат зголемувањето што е предвидено со колективниот договор, Љутков рече дека тоа што е направено е според Општиот и Посебниот колективен договор и според закон.
„За првпат се усогласуваме сите. Во минатото, откако е потпишан тој колективен договор тој е потпишан помеѓу двата синдикати СКРМ и СОНК и Министерството за култура. Тогашниот министер за култура го потпишал тој договор без да знае што потпишува и без да ги види последиците што може да ги имаме понатаму и без согласност од Министерство за финансии. Кога ја немате оваа согласност од Министерство за финансии се пушта платата, но ви велат дека вие понатаму сами ќе си ги обезбедите средствата“,
рече Љутков.
Поради тоа, рече Љутков, останатите шест министри кога ќе дошол ред да се донесе минималната плата и да се усогласи со колективниот договор, бидејќи немало согласност од Министерството за финансии, морале да кратат од буџетот наменет за програмите.
Како што рече Љутков, неодржливо е дури 81 отсто буџетот да оди за плати, а 19 отсто за програми.
„Тоа е неодржливо и ова е најправилниот начин како да се реши. Досега секое исплаќање било незаконски зашто немало согласност од Министерството за финансии за колективен договор и тоа значи дека треба сами да си ги обезбедувате средствата од внатре. И секогаш растеле платите, се намалувала продукцијата, немало средства за капитални, ни за обични инвестиции ќе нема и на тој начин ќе дојдеме до ситуација да нема ни за плати“,
додаде Љутков.
Прашан од каде сега ќе дојдат тие пари за зголемени плати, ако не се крати од програмите, Љутков рече дека е направена нова пресметка и оти се усогласени Општиот и Посебниот колективен договор.
„Ако немате согласност од Министерство за финансии не може понатаму да функционирате. Начинот е во пресметката на платата во однос на минималната плата бидејќи овде се случува да се зема во 2023 година по Општиот колективен договор, а во 2024 и по Посебниот колективен договор. Сега во 2025 година треба да се земе по еден. Ако се преклопуваат тие два, ако се спојат двата, тогаш доаѓа дека минималната плата на сите во јавниот сектор е 36 037 денари, а само во Култура доаѓа над 39 000 денари. Затоа сега се направи нова пресметка, повторно има покачување, бидејќи се усогласени и двата, и конечно од следната година ќе се зема по Посебниот колективен договор“,
одговори министерот.
Денеска, Синдикатот на култура одржа протестен совет на кој побараа почитување на колективниот договор, редовна исплата на платите, достоинствени услови за работа, транспарентност и професионално управување со културните институции.
Синдикатот на културата на република Македонија на денешниот протестен совет доби поддршка од претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, кој исто така беше присутен на протестниот совет.