Писмо за искажување интерес треба да се достави до АЕК до 16 мај годинава, а од резултатот на јавната расправа, како што велат оттаму, согласно Законот за електронски комуникации ќе се одлучува за идните чекори за објавата на тедерот

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за нов мрежен оператор во државава, а на барање на „Оне Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската телеком-компанија „Фор-ај-џи“ ја регистрираше во државава по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.
Намерата за спроведување јавен тендер, како што додават од АЕК, е по сопствена иницијатива и врз основа на пристигнатo барање од „Оне Македонија телекомуникации“ од 16.04.2025 година.
„Агенцијата за електронски комуникации објавува намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за издавање на ограничен број на одобренија за користење на радиофреквенции со цел да овозможи јавна расправа по објавениот број на одобренија за користење на радиофреквенции“,
се наведува во објавата од АЕК.
Писмо за искажување интерес треба да се достави до АЕК до 16 мај годинава, а од резултатот на јавната расправа согласно Законот за електронски комуникации ќе се одлучува за идните чекори за објавата на тедерот.
Од АЕК велат дека на тендерот може да се пријават повеќе од два мрежни оператори на јавни мобилни електронски комуникациски услуги, а одобренија ќе се издаваат само на нови, додека писма за искажување интерес од страна на „А1 Македонија“ и „Македонски телеком“ нема да бидат земени предвид.
АЕК предлага висината на најнискиот износ на еднократниот надомест да изнесува 4 200 000 евра за одобрението А1 во фреквенцискиот опсег 700 мегахерци, 1 500 000 евра за одобрението Б1 за фреквенцискиот опсег 1 800 мегахерци, 2 320 000 за одобрението Ц1 за фреквенцискиот опсег 3400-3800 мегахерци.
Оа Агенцијата велат дека рокот на важност на одобренијата за користење на радиофреквенции А1 и С1, ќе биде 12 години, односно до 2037 година, а на одобрението В1 8 години, до 2033 година, поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператори, додаваат од АЕК.
Според објавата на АЕК, операторот што ќе добие одобрение е должен до крајот на 2026 година да обезбеди најмалку еден град да биде покриен од 5Г, а до крајот на 2028 година тоа да ги опфати главните коридори на основната и сеопфатна патна мрежа во државата.
До крајот, пак, на 2030 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г-сигнал, а таа можност за секој граѓанин треба да е овозможена до крајот на 2032 година.
Носителот на одобрението, додаваат од АЕК, мора да започне со користење на доделените радиофреквенции најдоцна во рок од една година од датумот на отпочнување на важноста на одобрението.
Унгарскиот телеком-оператор „Фор-ај-џи“ на 12 декември минатата година поднесе документи во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), со што и официјално изразил интерес да стане трет мобилен оператор во земјава.
Поднесувањето документи во АЕК следува откако кон средината на октомври лани унгарската телеком-компанија, која по смената на власта изрази желба да стане трет оператор во земјава, отвори фирма во Скопје под називот „Оне Македонија телекомуникации“, објави тогаш „Призма“.
Информации за фирмата беа објавени на веб-страницата на Централниот регистар, според кои компанијата е регистрирана на адреса на адвокатската канцеларија „Михајлоски и Поповска“, каде што коосновач е адвокатот Александар Михајлоски, познат како член на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Веста за регистрацијата на фирмата тогаш преку соопштение до медиумите ја потврдија и од компанијата.
Најавата за потенцијален влез на трет мобилен оператор во земјава во јули дојде токму од вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој, како причина за ова и тогаш ги наведе цените на мобилната, кабелската телевизија и интернет-услугите кои, како што рече, во земјава се повисоки од најголем дел од европските држави.
На почетокот на септември минатата година, Владата и унгарската телекомуникациска групација „Фор-ај-џи“ (4iG) во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање со цел, како што соопшти владината прес-служба, да се забрза дигиталната трансформација во државава во делот на економијата и инфраструктурата.
Според Извештајот за развој на пазарот на електронски комуникации во третиот квартал 2024 година, што го објави АЕК на 15 овој месец, вкупниот број на активни претплатници во мобилна телефонија заклучно со третиот квартал 2024 година достигнал 2 095 819 и бележи раст за 9,7 проценти во однос на претходниот квартал, а за 1,05 проценти споредено со третиот квартал минатата година.
Последната новина на пазарот на мобилна телефонија во државава се случи на 1 февруари 2022 година, кога со услуги стартуваше хибридниот виртуелен мобилен оператор „М–Тел“.