На Светата миса, која се одржа на плоштадот „Македонија“ во Скопје, папата Франциск тогаш испрати пораки за љубов, мир и заедништво и порача да се следи делото на скопјанката Мајка Тереза, која три години претходно (во 2016 година) токму тој ја прогласи за светица
Папата Франциск, кој почина денеска на 88-годишна возраст, беше првиот поглавар на Римокатоличката црква кој ја посетил Македонија.

Посетата се случи пред шест години, односно на 7 мај 2019 година, а беше дел од неговата тридневна турнеја под мотото „Не плаши се мало стадо“ и имаше за цел да ја охрабри во верата малата, но жива македонска католичка заедница, потсетува ТВ Телма.
На Светата миса, која се одржа на плоштадот „Македонија“ во Скопје, папата испрати поради за љубов, мир и заедништво.
„Гладни сме Господи за братство каде индиферентноста, дискредитирањето, клеветењето нема да ги наполнат нашите маси и нема да го заземат првото место во нашиот дом“,
рече тогаш папата.
Папата Франциск тогаш порача да се следи делото на скопјанката Мајка Тереза, која три години претходно (во 2016 година) токму тој ја прогласи за светица, како пример за братството, милосрдието и сочувството меѓу луѓето.
Посетата на папата Франциск на Скопје, како и понтификалната миса на плоштадот се одвиваа под строги безбедносни мерки, а на плоштадот присуствуваа 15 000 верници со претходно обезбедени билети.

Освен од земјава, неговата посета привлече и бројни верници од регионот, но и од светот, дојдени од блиску да го видат или да го допрат првиот човек на католичката црква.
Посетата на поглавот на Римокатоличката црква тогаш се совпадна со одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи на Северна Македонија со Ватикан.
Посетата на папата, како што потсетува ТВ Телма, тогаш дојде во чувствителен момент, односно неполни четири месеци по промената на името, за што немаше политички консензус.
Папата беше пречекан од претседателот во заминување Ѓорге Иванов кому му истекуваше вториот и последен мандат, а на изборите одржани два дена претходно за нов претседател беше избран Стево Пендаровски.
Таа поделеност во општеството околу обидите за пробив во евроатлантските интеграции ја рефлектираа изјавите на Иванов и тогашниот премиер, Зоран Заев.
„Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениските блокади на нашиот европски пат доведоа до политички и морални кризи што го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајните вредности“,
рече поранешниот претседателот на државата Ѓорге Иванов пред папата во претседателската резиденција на Водно.
Тогашниот премиер Заев, пак, рече дека денот не е за поделби, туку за сплотување.
„Јас верувам дека сите, пред сè ние политичарите, но и вие новинарите, медиумите, но и сите граѓани треба да учиме од мисијата која што папата ја шири низ светот, а тоа е поголема верба меѓу нас и да ги искорениме сите оние слабости или девијантни појави коишто се секојдневие, а продуцираат многу непријатни ситуации, многу често и болни работи кај граѓаните по различни аспекти“,
рече Заев тогаш.

Папата Франциск почина утрово на 88-годишна возраст.
Тој беше првиот папа кој доаѓа од Латинска Америка, и првиот понтиф (првосвештеник) роден надвор од Европа по повеќе од илјада години.
За време неговиот понтификат тој своето внимание го фокусираше на сиромаштијата и нееднаквоста, критикувајќи ги околностите кои доведуваат до овие појави, а беше жесток поборник за заштита на животната средина, посочувајќи дека климатските промени се еден од главните предизвици со кои се соочува човештвото.
Голем број претседатели на држави, премиери и државници преку објави на социјалните мрежи денеска упатија последен поздрав и изразија сочувство и почит кон папата Франциск, истакнувајќи ја неговата скромност, посветеност и начелата по кои се водеше во изминатите 12 години, колку што беше на чело на Римокатоличката црква.