Денеска на веб-страниците на неколку големи синџири маркети може да се види дека во посебен дел наречен Ценовник се објавени сите нивни продажни места и со отворање на одредена продавница се доаѓа до цените на сите производи што се во продажба

На веб-страниците на маркетите што имаат повеќе од 10 вработени од денеска треба да се објавени продажните цени на сите производи.
Обврската произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачи, што беше објавен на 4 март годинава, а на трговците им беа оставени 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон да го усогласат своето работење со одредбите од него.
Министерството за економија изготви Правилник за начинот на објавување на цените на производите, каде што е наведено дека сите мали, средни и големи трговци имаат должност на дневна основа, најдоцна до 10 часот наутро, да ги ажурираат цените и тоа да биде на посебен дел на веб-страницата.
Од Министерство за економија и труд велат дека објавените цени треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава.
Во објавените цени треба да е наведен називот на производ, продажната цена со ДДВ, единечната цена по килограм, литар, метар, да има негов опис, достапноста во продажниот објект и редовната цена со ДДВ.
Исто така, треба да е наведена и промотивната или попустна цена која треба да содржи цена со попуст изразен во проценти, вид промоција, дали е тоа промотивна понуда, пакет за лојалност или сезонски попуст, како и времетраење на промоцијата или попустот.
Денеска на веб-страниците на неколку големи синџири маркети може да се види дека во посебен дел наречен Ценовник се објавени сите нивни продажни места и со отворање на одредена продавница се доаѓа до цените на сите производи што се во продажба.


Контрола на маркетите и спроведување на одлуката ќе врши Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), а непочитувањето ќе биде казнето.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека досега трговците имале доволно време да се подготват за примената на овој правилник.
„Транспарентноста треба да биде поголема од страна на маркетите. Граѓаните треба да знаат каде да ги трошат нивните пари, кои цени се поевтини. Овие законски решенија што ги донесовме и овие предлози што ги правиме се во интерес на граѓаните. Се работи за закон кој ги опфаќа сите големи трговци. Тие имаат капацитет, имаат свои веб-страници и може да го спроведат овој закон“,
вели Дурмиши.
Тој најави дека ДПИ ќе излезе на терен и оти ќе постапува според Законот за заштита на потрошувачите.
„Најголемата казна е до 10 илјади евра“,
додава Дурмиши.