Станува збор за случај стар повеќе од 15 години, но кој барем за едно семејство е релевантен и денеска. Зоран Костовски, жител на скопски Аеродром, обвинува дека на времето е злоупотребен негов потпис за приватизација на градежно земјиште, со цел да се добијат имотни листови во зграда изградена до таа во која живее
Инвеститорот возвраќа дека досега не е донесена правосилна судска одлука со која е утврдена одговорност за фалсификување. А, истиот инвеститор, денес ја доградува зградата во која живее Костовски, повторно без негова согласност. Само што, овојпат, законски не е потребна согласноста на Костовски
Челични арматури кои се издигнуваат до прозорците. Бетонски столбови и прашина насекаде. Постојано чукање од работата на мајсторите. Ова е секојдневието на семејството Костовски, кое живее во една од најстарите згради на булеварот „Трета македонска бригада“, во скопската населба Аеродром.
Нашиот домаќин, Зоран, вели – тука е од 1959 година. Најпрво со неговите родители, а сега и со свое семејство. Поседува имотен лист за својот стан и сосопственик е на дворното место околу зградата. Редовно плаќа данок на локалната власт.

Приказната поради која сме во неговиот дом почнува во 2007 година. Тогаш се појавува инвеститор кој сака да изгради нова зграда која би била лепенка и во дворот на старата зграда, онаа во која живеел и живее Костовски. Компензацијата за жителите во старата зграда била понудена во форма на станбен простор во новата. За тоа, бил потребен потпис од сите станари.
Другите се согласиле, но Костовски не.
„Бараше да потпишеме сите да се руши, да се гради, да се доградува. Јас не сакав да потпишам бидејќи барав некоја сигурност, некоја гаранција од градежниот инвеститор оти тоа време имаше голем проблем со згради непотпишани без гаранции, па барав некоја сигурност, некоја гаранција за мојата фамилија да не ја оставам надвор на улица. Но градежниот инвеститор не сакаше да даде, рече јас не давам тоа, јас сум гаранција, ќе си бркам јас работа моја. И почна да ја гради зградата“,
раскажува Зоран Костовски, жител на општина Аеродром.

Тоа е зградата која Општина Аеродром, според документите кои ги чува Костовски, во март 2007 година во својот локален гласник при изградено приземје, најпрво ја класифицира како дивоградба.

Но, по четири месеци инвеститорот НЃ-Инженеринг добива Одобрение за градба од Општината, а во 2008 година започнува и постапка за приватизација на земјиштето врз коешто е изградена зградата.
Костовски тврди – никогаш не бил дел од барањето за приватизација, кое пак било важно за останатите станари да можат да поседуваат исправни имотни листови. Но, во одреден момент, открил дека таму стои и негов потпис.
„Доаѓа комшивка која ми рече сака да го продаде станот во новата зграда, бидејќи нема имотен лист, да видам мојот потпис дали е даден, дали не, за да може да земе имотен лист и да го продаде станот. Ми кажа дека сум потпишал. Е тогаш веќе почнаа моите проблеми да видам стварно дали е потпишано. Тогаш видов дека навистина мојот потпис е даден и фалсификуван, што е докажано и од МВР. Јас сум бил на графолошко вештачење и од МВР добив дека мојот потпис е фалсификуван“,
вели тој.
Документот за кој зборува Костовски е вештачење од МВР со датум од 28.05.2010, во кое пишува дека неговиот и потписот на документот, не се совпаѓаат. Прашавме во МВР – што се случило откако му потврдиле на Костовски дека потписот му е фалсификуван. Засега, немаме одговор.
Костовски тврди дека одговори не добил и од другите институции од кои, во тој момент, барал одговори, вклучувајќи ја Општината Аеродром. А, соседната зграда? Во тој момент, таа веќе била завршена, а комшиите вселени.
Но приказната, неодамна, добива нова епизода. Истиот инвеститор повторно почнува со активности, но сега предмет на интерес е старата зграда, во која живее Костовски. Целта е доградба.
Кога во мај минатата година почнала сечата на дрвата околу зградата, Костовски побарал заштита од Општина Аеродром – дека му се узурпира имотот.
„Навистина е нејасно како е возможно инвеститорот кој нема Одобрение за градење да презема дејствија за заградување на објектот и сеча на дрвјата во дворот на објектот? Јас како сопственик на стан немам потпишано никаков договор со инвеститорот и оттука невозможно е инвеститорот да добие Одобрение за градење“,
пишува тој во ургенцијата за заштита испратена до општина Аеродром.
Се обратил и до Град Скопје, кои му одговараат дека согласно закон и решенијата кои ги поседува, инвеститорот ќе направи пресадување на уништеното зеленило и дека тука завршуваат ингеренциите на Градот.
Но она што Костовски не го знаел во тој момент е дека Законот за градење во член 59-а, став 1, алинеа 5 предвидува дека за доградба согласност треба да дадат мнозинството сопственици кои претставуваат повеќе од половината од вкупната површина на објектот, односно дека не мора и Костовски да се согласи за да се вршат градежни дејствија во зградата во којашто живее.
„Додека не почне да ги руши сите дрвја тука не знаев дека има Одобрение за градење. Тој имал шест месеци претходно Одобрение. Ми вика зошто не си се жалел шест месеци претходно. Како јас да знам, општината не ме известила воопшто дека тој има дозвола за градење за да можам јас тој рок од 15 дена да го запазам и да се жалам. Бев во Општина Аеродром, ме шетаа од горе до доле. Се жалев, барав информации за зградата, општината вели не е тоа информација од јавен карактер, жалете се во Град Скопје. Град Скопје вика има одобрение за градење, према тоа нема што да барате“,
дополнува Костовски.
Од Општина Аеродром побаравме појаснувања и за новата, но и за претходната градба, од 2007-та. За одобренијата за градење и за приватизацијата на земјиштето. За првичната градба, ни го цитираа Одобрението за градење од 2007-ма, но го игнорираа прашањето дека објектот првично бил дивоградба, согласно Службениот гласник кој го издава самата општина. За последната градба, велат дека се е согласно законските процедури.
„По правосилноста на одобрението, г. Костовски, преку адвокатска канцеларија има поднесувано до Општина Аеродром приговори и жалби за кои има добиено одговори за сите од страна на нашата институција. Инаку, по претставките поднесени од негова страна, овластен градежен инспектор на Општина Аеродром изврши инспекциски надзор на издаден управен акт – одобрение за градење УП1 број 20-115/2023, согласно со член 146 од Законот за градење и констатира дека управните акти се издадени согласно со Законот за градење. Во периодот што следува, во рамките на надлежностите, овластениот градежен инспектор ќе изврши редовен надзор на објектот во изградба“,
велат во одговорот од општината на нашите прашања за овој случај.

Инвеститорот „НЃ-Инжинеринг“, во одговор до „360 Степени“, најпрво се осврна за својот историјат како општествено одговорна компанија која гради 20 години, а потоа прстот го вперува во семејството Костовски.
Според компанијата, тие ги исцрпиле сите можни опции да го внесат Костовски во постапката за градба, нудејќи му повеќе опции за надомест во размена за отстапување на правото на градба.
„За жал, неговата инертност за градење предизвика штета кај сите останати негови соседи кои наместо да добијат новоизграден станбен објект, истите ќе добијат само доградба на постојните станбени единици“,
велат од НЃ – Инженеринг ДООЕЛ Скопје.
На нашето прашање за тоа што објектот во еден момент се водел како дивоградба, компанијата тврди – цело време имале дозвола, но:
„Како инвеститор за време на градбата поседувавме Одобрение за градење кое беше конечно, но не и правосилно. Правосилноста не можевме да ја обезбедиме од причина што сопственикот на недвижен имот, стан бр. 12 – Зоран Костовски, водеше постапки за поништување на издаденото одобрение за градење. Но, сите тие постапки завршија безуспешно по него“.
За обвинувањето, дека го фалсификувале потписот на Зоран Костовски, за имотот да се впише во административните книги, велат:
„До денес нема правосилна судска одлука со која е утврдена одговорност за фалсификување на се што е поврзано со лицето Зоран Костовски во однос на постапката за утврдување на правото на сопственост на негово име на градежно земјиште. Како инвеститор во наведената постапка за приватизација согласно изготвените налози од надлежниот орган го исплативме паричниот надоместок за приватизација во целост пришто како и на сите останати корисници е впишано правото на сопственост и на Зоран Костовски во јавните книги на недвижности при Агенцијата за катастар на недвижности“.
Од НЃ – Инжинеринг тврдат и дека не бил потребен потписот од сите станари за одобрението за градба издадено во 2007-та.

Костовски, пак, останува на ставот дека не можело да се гради без негов потпис. Вели дека е неточно и оти му биле дадени повеќе опции.
Спротивно на инвеститорот, не се согласува и дека сега се гради безбедно, како за станарите, така и за работниците.
„Со тоа копање, кршење на бетонот, јас мислам од 59’ година сите земјотреси ги имам поминато, таков земјотрес беше од 5 степени. Добро е што немаше земјотрес ќе се срушеше зградата, ќе погиневме сите. Такво кршење е нешто што навистина треба човек да го осети, нема зборови да се опише. Како земјотрес, буквално ја распука зградата на два дела“,
раскажува за својата приказна, Зоран Костовски.
Па, сепак, скелињата се креваат секојдневно, а шајките ги најавуваат утрата во домот на Костовски. А тие, тие никогаш не се согласиле на ова. Ќе продолжат да прашуваат – кој навистина одлучува што ќе се случи со вашиот дом?