Европските дипломати велат дека ќе ги повикаат САД да извршат поголем притисок врз Русија за да се издејствува безусловен прекин на огнот

Американскиот државен секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на претседателот на САД, Доналд Трамп, за Блискиот Исток, Стив Виткоф денеска во Париз ќе се сретнат со европски претставници за да разговараат за напорите за запирање на војната во Украина. На состаноците ќе учествуваат и францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.
На средбата, како што пишува „Гардијан“, Рубио и Виткоф треба да ја слушнат загриженоста на европските министри за надворешни работи во услови на досега неплодни обиди на САД да договорат прекин на огнот во Украина, додека Велика Британија и Франција заедно со повеќе европски земји формираат „коалиција на подготвените“ што ќе ја поддржат украинската страна во одржување на примирјето.
Освен со Макрон, француското Министерство за надворешни работи соопшти дека Рубио ќе се сретне и со неговиот француски колега Жан-Ноел Баро, за да разговара за Украина, изгледите за нов ирански нуклеарен договор и за Блискиот Исток.
Европските дипломати рекоа дека ќе ги повикаат САД да извршат поголем притисок врз Русија за да се издејствува безусловен прекин на огнот.
Американскиот Стејт департмент објави дека главниот фокус ќе биде ставен на можностите за прекин на борбите во Украина.
Државниот секретар Рубио на крајот на минатиот месец рече дека Русија се согласува на прекин на огнот, но под услови што треба да се анализираат.
Виткоф на европската страна ќе и пренесе и детали од неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин, одржана минатата недела.
Специјалниот пратеник Виткоф пред два дена го опиша својот неодамнешен разговор со рускиот претседател Владимир Путин како „убедлив“ и изјави дека се разговарало за прекин на огнот во Украина и за создавање нови деловни можности. Во текот на речиси петчасовната средба, Путин, како што рече Виткоф, изразил подготвеност да обезбеди „траен мир“ со Украина.
Американската администрација организира одделни преговори со руски и украински претставници, но тие досега не доведоа до прекин на борбените дејства. Преговорите се одвиваат бавно, без значајни отстапки од Москва. Киев и некои западни престолнини ја обвинуваат Русија дека намерно ги одолговлекува разговорите.