Од невладината сметаат дека „назначување на човек кој со своето однесување на социјалните медиуми секојдневно ги гази европските принципи и ги презира луѓето кои ги почитуваат, не само што не е основано, туку претставува и навреда на Програмата која постои повеќе од 35 години и која постојано вложува во развојот на младите“
Невладината „Мрежа за заштита од дискриминација“ бара повлекување на одлуката на Владата за именување на лидерот на партијата Македонски концепт, Петар Богојевски, за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – „Еразмус+“.

Од невладината сметаат дека Богојевски не може да ја врши оваа функција поради неговите изјави со, како што велат, вознемирувачки говор, навреди и говор на омраза, како и постапки кои се спротивни на европските вредности.
Својот став од „Мрежа за заштита од дискриминација“ го изнесоа преку соопштение објавено на нивната веб-страницата, каде, меѓу другото објавија и скриншоти од објави на Богојевски на социјалните мрежи, кои според невладината сведочат за неговите несоодветни ставови и изјави за повеќе општествени и политички прашања, што, велат, се во спротивност со европските принципи.
„Сметаме дека назначување на човек кој со своето однесување на социјалните медиуми секојдневно ги гази овие принципи и ги презира луѓето кои ги почитуваат, не само што не е основано, туку претставува и навреда на Програмата која постои повеќе од 35 години и која постојано вложува во развојот на младите. Истовремено сме и крајно загрижени од реакцијата на Министерката за образование која на укажувањата на повеќе чинители во општеството, вклучително и на Министерот за европски прашања изјавува дека неговата работа требха да се следи со поголем фокус“,
се вели во соопштението.
Според невладината, Богојевски преку неговите објави на социјалните мрежи употребил вознемирувачки говор, навреди, говор на омраза и/или поттикнување на дискриминација, нетолеранција и/или насилство кон припадници на речиси сите етнички заедници во земјава.
Во оваа насока од „Мрежа за заштита од дискриминација“ наведуваат дека во август 2024 година коалицијата „Вреди“, која е дел од актуелната власт поднела кривична пријава против него за објави на Фејсбук кои се сметаат за поттикнување национална, расна и верска омраза.
Од невладината, исто така, наведуваат дека именуваниот директор во изминатиот период во повеќе наврати ширел дезинформации и шпекулации во врска со чувствителни настани и теми во државата.
„Целта на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е да работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Република Северна Македонија. Националната агенција со остварување на овие програми придонесува во развојот на заедницата како општество засновано на напредно знаење, со одржлив економски развој, повеќе и подобри работни места и поголема социјална кохезија, истовремено обезбедувајќи заштита на средината за идните генерации а особено размена, соработка и мобилност во областа на образованието и обуката. Ставовите и изјавите на Богојески се спротивни на вредностите кои ги промовираат европските програми како Еразмус+, што го прави несоодветен за водечка позиција во институција која има за цел промовирање на европски вредности, инклузивност и меѓукултурна соработка. Имајќи го предвид горенаведеното, Мрежата за заштита од дискриминација бара повлекување на именувањето на Петар Богојески од функцијата директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност“,
се вели во соопштението на „Мрежа за заштита од дискриминација“.

Петар Богојевски, лидерот на партијата Македонски концепт, коалициски партнер во власта, за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност беше назначен минатата недела. Тој доаѓа на местото на местото на Марко Ѓоргиевски, кој како в.д. директор ја водеше оваа институција од 2020 година.
За назначувањето на Богојески за директор на агенцијата што управува со парите од „Еразмус“ реагираа од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и од Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
Од ДУИ рекоа дека давањето доверба за европските фондови за управува човек кој не само што упатувал навредливи пораки до Албанците, туку и до самата Европска Унија и нејзините вредности, претставува понижување и за европските партнери и за даночните обврзници на ЕУ кои ги финансираат овие програми.
Во оваа насока беше и реакцијата на Алијанса за Албанците на Села, од каде, меѓу другото наведоа дека именувањето на Богојевски е во спротивност со моменталната европска ориентација на земјата.