Ревизорите утврдиле дека јавното претпријатие за комунално – производни и услужни работи „Исар“ Штип се соочува со 60 отсто загуба на произведената вода, недостиг од дозвола за депонирање и третман на отпадот, како и доцнење во плаќањето на 25,2 милиони денари по спогодба со Министерството за финансии, со што претпријатието е пред значајни предизвици кои може да имаат сериозни последици за неговото функционирање и животната средина

Јавното претпријатие за комунално – производни и услужни работи „Исар“ – Штип не поседува дозвола за вршење дејност депонирање и третман на отпадот издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), не врши мерење на изнесениот отпад, нема воспоставено евиденција и не доставува консолидиран извештај до стручниот орган. Ова е една од забелешките што ја има Државниот завод за ревизија (ДЗР) по извршената ревизија на усогласеност на ЈП „Исар“ – Штип за 2023 година.
„Депонијата ’Трештена скала’ не е оградена, нема струја, вода ниту физичко обезбедување, каде неконтролирано се изнесува отпад, поради што често истата е извор на запалување и пожари, односно загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето“,
се вели во извештајот на ДЗР.

Ревизорите констатирале и дека има значителното отстапување на количината на приходуваната вода во однос на произведена. „Исар“ се соочува со 60 отсто загуба на вода, што, како што пишува во извештајот на ДЗР, влијае на помалку остварени приходи на јавното претпријатие, помалку пресметан ДДВ и помалку пресметан надоместок за користење на вода, кои претставуваат приходи на државата.
Од извршениот увид во доставената документација, ревизијата констатирала дека производството на вода во 2023 година изнесува 5 276 956 кубни метри и во однос на 2022 година бележи намалување за 0,54 отсто. Фактурираната, односно приходувана вода во 2023 година изнесувала 2 101 966 кубни метри што претставува намалување од 4,78 отсто во однос на 2022 година.

Од ДЗР велат дека најголемиот дел од загубите – 92,89 отсто се технички загуби што се предизвикани од застарена водоводна мрежа, дефекти и протекувања. Комерцијалните загуби, кои изнесуваат 1,82 отсто, се резултат на нелегални приклучоци и грешки при обработка на податоците поради неисправни и неточни водомери. Дополнително, велат од ДЗР, 5,29 отсто од загубите се должат на нефактурирана комунална потрошувачка, чија реална состојба е доведена во прашање.
Исто така, било утврдено дека поради неисправни водомери и нивно отсуство во одредени населени места и јавни простори, дури 11 отсто од правните лица и 5 отсто од физичките лица плаќаат вода паушално, наместо според реалната потрошувачка.

период 2014-2023 година / Извор: ДЗР
Од извршената ревизија било констатирано и дека ЈП „Исар“ доцни во исполнување на месечните обврски за износ од 25,2 милиони денари по спогодба со Министерството за финансии, со што претпријатието е пред значајни предизвици кои може да имаат сериозни последици за неговото функционирање и животната средина.
Исто така, претпријатието има искажано обврски во износ од 16,797 милиони денари по основ на примени средства во 2005 и 2006 година од Општина Штип од сметката на средства од месниот самопридонес, за изградбата на резервоари за водоснабдување на град Штип, кои се потрошени за тековно оперативни расходи, со што останува обврската истите да ги врати.
„Од вкупните побарувања во износ од 196 447 илјади денари, искажани на 31.12.2023 година, 75 отсто се по основ на продажба на вода, а останатите 25 проценти се побарувања за јавна чистота, паркови и зелени површини, изградба и реконструкција на водоводни и канализациони линии и продажба на гробни места“,
соопшти ДЗР.
Оттаму посочуваат дека ревизијата покажала дека старосната структура на побарувањата од кои 28,2 отсто се со старост до и над 10 години и изнесуваат 55,443 милиони денари, укажува на нивна ненавремена наплата.

Според ревизорскиот извештај, не е извршена оценка на наплатливост на побарувањата на крајот на секој извештаен период и соодветен акт за постапување, иако постои голем ризик тужените побарувањата кои се постари од 10 години, во износ од 24,624 милиони денари да не се наплатат. Побарувањата со старост помалку од една година, пак, се проценети во износ од 8,781 милиони денари.
„Завршените градби од 2019 година, кои се однесуваат на изградба и реконструкција на примарна и секундарна водоводна и канализациона мрежа во вкупен износ од 20,279 милиони денари, за кои општината како инвеститор нема обезбедена целосна документација, сметководствено се водат како инвестиции во тек, иако истите се во употреба“,
се додава во соопштението.
Од ДЗР посочуваат дека од наплатениот надоместок од корисниците на услуги за одржување на јавна чистота во износ од 13,707 милиони денари, ЈП „Исар“ – Штип уплатило 3,287 милиони денари, односно 24 отсто на сметка на општината, со што остварени се помалку приходи во буџетот на Општина Штип наменети за реализација на програмата за одржување на јавната чистота.
Неправилности ревизијата утврдила и во начинот на пресметка и исплата на платите, односно со Колективниот договор на ниво на работодавец, за секоја измината година работен стаж на работникот му се исплатува додаток на основната плата во висина од еден отсто, но, не повеќе од 20 проценти за целокупниот работен стаж, наместо 0,5 отсто за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20 проценти, како што е предвидено со законските одредби и Општиот колективен договор за јавниот сектор.
За надминување на утврдените состојби од ДЗР велат дека се дадени препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.