Во Македонија долго се зборува за селекција и рециклирање на отпадот, пред се, преку изградба на регионални депонии по современи стандарди. Но, во пракса, напредокот е многу ограничен. За разлика од многу други инвестиции, дури и парите не се проблем, туку недовербата на граѓаните дека тоа ќе се направи како што треба
Последниот пример се Битола и Битолско каде извесно време се одржуваат протести против изградба на регионална депонија на територија на општина Новаци. Може ли да биде полошо од тоа што се случува со отпадот во моментов?
Новаци е најблиското населено место до РЕК „Битола“, оддалечено околу 12 километри од Битола. Жителите со децении се соочуваат со еколошките последици од неговото работење. Но, со години наназад ги загрижува и нешто друго. Тони и тони отпад што се истовараат на неколку километри од селото на депонијата „Мегленци” кај РЕК „Битола“. Но, надлежните и локалните жители веќе одамна не го користат зборот депонија, туку местово едноставно го нарекуваат ѓубриште.

Тука се истовара отпадот од општините Битола, Новаци и Могила. Но, речиси без никаква контрола или стандард. Заштита на животната средина, во случајов, не може да се користи ниту како фраза.

„Катастрофа. Чади, смрди, каша. Најлони насекаде. Катастрофа.“
„Депонијата можеби е помал проблем отколку РЕК ‘Битола’, ама се надоградува на чадот и на филтрите што не работат.“
„Ако била депонијата убава, секој ќе си ја земел во близина“,
рекоа жителите на Новаци со кои поразговаравме.
Депонијата до некаде е оградена со жичана ограда, но тоа не спречува отпадот да биде разлетан насекаде околу неа. Смрдеата е неподнослива. Има стотици кучиња.
Има и чуварска служба, но градоначалникот на Новаци, Славче Стевановски, вели дека тоа не помага овде да не истовара кој што ќе стигне.
„Не знаеме ни каков истек имаат водите што излегуваат од неа, а се наоѓаме на повисока надморка висина од рамницата долу од Пелагониското поле. Претставува потенцијална зараза на подпочвените води, на водотеците што водат кон рамницата, кон Пелагонија, кон Река Црна итн. Значи имаме нешто што е во крајно алармантна состојба“,
смета Славче Стевановски – градоначалник на општина Новаци.

Но, последниве неколку години новачани имаат нова грижа – најавата за изградба на регионална депонија. Таа треба да биде изградена исто на неколку километри од селото, но на другата страна од РЕК „Битола“. Звучи како добра вест, но не за сите.
„Јас сум против затоа што не верувам дека ќе биде она што го најавуваат тие.“
„Ако се изгради процедурално, како што велат дека нема да го загадува воздухот, дека ќе биде се во ред, нека се гради. Ако се направи како оваа што е сега, тогаш уште поголемо загадување за нас.“
„Убаво е да се направи сè, деца. Се за вас младите е убаво.“
„Против сум. Затоа што сè е лага.“
рекоа жители на Новаци.

Со градоначалникот се приближиме и до местото на кое треба да се гради новата депонија.
„Значи точната локација би била позади овие вештачки депресии што се формирани како резултат на експлоатацијата на јаглен. Значи тие вештачки земјени депресии, позади нив во коповите и во насипите од земја треба да биде изграден новиот центар за управувањње со отпад“,
рече Славче Стевановски – градоначалник на општина Новаци.

Тој смета дека овој проект е од непроценливо значење бидејќи сегашното управување со отпадот е на многу ниско ниво.
„Се надеваме дека ќе биде онака како што е зацртано, како што е предвидено, како што е предочено и дека ова ќе претставува нешто современо што ќе допринесе за развој како на регионот, така и на државата, а не како она постојното што во моментов го имаме на локацијата во Мегленци“,
додаде Стевановски.
Но која е пошироката слика? Државата реши да воспостави регионален систем за управување со отпад и за тоа доби европски пари, кредит од Европската банка за обнова и развој, како и средства од швајцарската влада. Со овие пари треба да се набават контејнери и камиони за собирање и транспорт на отпадот, да се затворат постојните диви депонии, да се воспостават претоварни станици од кои потоа отпадот ќе се носи во заедничка регионална депонија, која би имала можност за рециклирање и преработка и со која би стопанисувало заедничко меѓуопштинско јавно претпријатие. Скопскиот и Полошкиот регион би имале свои депонии, а Североисточниот и Источниот, Југоисточниот и Вардарскиот, како и Пелагонискиот и Југозападниот по една заедничка регионална депонија. 18 општини од последниве два региона отпадот треба да го носат токму на идната депонија кај РЕК Битола.

Но, откако се интензивираа работите за реализација на проектот, по битолските улици почна да се искажува незадоволство. Протести се одржуваат еднаш неделно, а почнаа пред околу еден месец. Граѓаните што протестираат велат дека проектната документација не им е дадена на увид и дека немаат верба дека институциите ќе изградат современа стандардизирана депонија. Бараат таа да не се гради на предвидената локација, туку на друга.

„Ова не е ниту против некоја партија, не е ни политички обоен. Ова е чисто граѓански собир. Најважното нешто е дека депонија мора да има, мора ѓубрето некаде да се фрла, да се складира, ама депонијата да се дислоцира на ненаселено место и каде што нема плодно земјиште. Тоа ни е најважното барање затоа што ќе биде директно загрозено здравјето. Тоа е на десет километри од Битола. Го имаме РЕК што не труе со години. Нема сменето филтри откако е изграден. Знаеме како ги градат работите во Македонија. Ништо не е по европски стандарди. На старт ќе ги украдат повеќе од половина пари, ќе го направат килаво, одржување нема да има никакво, тешко нас ќе биде. Битола веќе е број еден град во Македонија по заболени од рак“,
рече Зоран Лазарески – жител на Битола.
А кога ќе се избере нова локација, демонстрантите бараат на неa да се носи отпадот само од општините од Пелагонискиот регион, а не како што е замислен и финансиран проектот – и од Југозападниот.
„Тој регион кога би се приклучил кон депонијата во Битола има од прилика 230 илјади тони годишен собир на отпад, според статистика од 2023 година. Самата Пелагонија со градовите Прилеп, Битола, Демир Хисар, Крушево и Ресен, мислам, годишно акумулира 93 илјади тони отпад. Значи во Битола треба да се донесат плус 230 илјади тони отпад“,
смета Весна Кочанковска – жителка на Битола.
Но, битолските советници веќе одлучија дека ќе соработуваат со останатите општини и дека ќе учествуваат во формирањето заедничко претпријатие што ќе стопанисува со идната регионална депонија.

„Тие се двете одлуки што ги донесовме во последниот период како Совет на општина Битола и истите беа – едната по мислење на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, а другата по препорака на градоначалникот на општина Новаци,“
360°: Со цел да се оди кон реализација на овој проект?
„Ние во тој момент, а и денес, немаме видено никаков проект за регионална депонија. Не знаеме апсолутно на кој начин сето тоа ќе се гради, ќе се реализира, на кој начин ќе се врши управувањето со отпад. Од нас беа побарани само овие две одлуки и ни беше кажано дека ние треба да имаме претставници во самите комисии, во самите работни тела, за да знаеме каква ќе биде постапката за формирање на регионалното претпријатие“,
вели Габриела Илиевска – претседателка на Совет на општина Битола.

Сепак, откако ги послушале двајцата градоначалници кои се за изградба на регионалната депонија на сегашната локација, битолските советници решиле да ги поддржат и граѓаните – кои се против.
„Едногласно изгласавме заклучок со кој побаравме Владата да разгледа можност за измена на локацијата за изградба на таа регионална депонија. Истото барање, како претседателка на Советот, го пуштив и до сите пет пратеници што се од Битола и кои што сметам дека треба да реагираат во парламентот и до Владата, особено што од тие пет, четири се веќе во власта“,
додаде Илиевска.
Депонијата стана тема и на последната седница на Советот на Општина Битола. Советникот од Левица, Горан Велевски, побара да се поништи одлуката за која сите, па и тој гласал – за меѓуопштинската соработка. Го предложи како привремено решение, додека не го видат проектот за изградба.
На ова реагираше советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Бојкоски, кој праша дали во предизборната програма на Левица имало ветување за изградба на регионална депонија.
„Во нашата предизборна кампања за локалните избори 2021 немаше програма за регионална депонија,“
одговори Горан Велевски – советник од Левица.
„Еве што вели Јована Мојсовска. ‘Програмата на Левица е водена од потребите на човекот, а не на профитот. Дел од заложбите за кои се бориме се од доменот на животната средина. За заштита на почвата од загадување – изградба на модерни и државни депонии по највисоки еколошки стандарди.’ Лажат. Во очи нè лажат. Стојат документите. Стои програмата“,
рече Бојан Бојкоски – советник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас побарав конкретно да се повлече точката од дневен ред додека граѓаните не го видат проектот. Не кажавме ние дека не треба регионален систем за управување со отпад. А вие, како што кажувате дека ние манипулираме, доколку го криете проектот како владејачка структура, зошто не го покажете пред граѓаните“,
реплицираше Горан Велевски – советник од Левица.

Точката што ја предложи советникот на Левица, сепак, беше ставена на дневен ред. Но, не доби поддршка од мнозинството советници, па остана да важи одлуката за меѓуопштинска соработка.
Советникот од Левица, Велевски, потоа присуствуваше и на протестот што истовремено се одржуваше пред општината и за тоа јавно ги информираше насобраните граѓани.

Додека советниците се расправаат, а граѓани протестираат, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, силно стои зад проектот и верува во придобивките од неговата реализација.
„Ѓубриште, сметиште, од една страна, и организиран систем за управување со цврст отпад. Два сосема различни поими. Она што сега го имаме и во Битола и во соседната општина Новаци каде и битолчани го депонираат сметот, е неорганизирана депонија, која со право може да се каже ѓубриште, на кое секој има пристап, на кое може да сретнете и диви животни и питоми животни, на кое пред само три недели беа и гранати откриени. Од другата страна има организиран систем на регионална депонија“,
рече Тони Коњановски – градоначалник на општина Битола.

Вели дека ја разбира недовербата на граѓаните во државниот систем, но со експертска помош ќе ги убедува дека проектот е за доброто на сите.
„На нас, на оваа генерација, со одговорност и со одлуки е да воспоставиме систем. Во тој систем мораме да веруваме ако е поткрепен со науката. Ако го спроведуваат и реализираат експерти, а тоа ќе мора да биде така зашто целата реализација на овој проект ќе биде мониторирана под многу строги критериуми од Европската банка за обнова и развој“,
смета Коњановски.
Од Министерството за животна средина велат дека во моментов се подготвуваат тендерските постапки за изградба и опремување на претоварните станици и изградба на регионалната депонија. Во завршна фаза се тендерите за набавка на возила, канти и контејнери.
Потенцираат дека депонијата ќе биде изградена според потребните стандарди – директивите на Европската Унија и домашното законодавство.
„Се работи за депонија за неопасен отпад. Ќе се депонира отпад што претходно ќе биде селектиран. Системот што ќе се воспостави ќе биде систем со две канти. Граѓаните ќе имаат обврска да го селектираат отпадот на сува и влажна фракција. Сувата е воглавно рециклирачки материјали како хартија, пластика и стакло што ќе одат во инсталации за преработка на тој отпад. А влажната фракција подразбира биоразградлив отпад што ќе оди на депонијата“,
вели Ана Каранфилова Мазневска – раководителка на Сектор за управување со отпад во МЖСПП.

Протестите на граѓаните, сметаат во министерството, се поради недоволна информираност. Затоа планираат средби на кои ќе присуствуваат и експертите и консултантите што досега биле вклучени во проектот.
„Да одржиме јавни расправи на кои ќе биде презентирано сè она што е планирано да се реализира. И верувам дека кога на граѓаните ќе им се објасни ситуацијата, ќе ја прифатат. Кога луѓето не знаат, се плашат од тоа што не го знаат“,
додаде Каранфилова Мазневска.
Лошото менаџирање со отпадот беше потенцирано и во последниот годишен извештај на Европската комисија за Северна Македонија за 2024 година.
„Селекцијата и рециклирањето на комуналниот отпад се на несоодветно ниво и депонирањето сè уште е доминантен метод за управување со отпадот. Принципите на кружна економијата се вградени во националното законодавство за управување со отпад, но конкретен напредок сè уште недостасува поради ограничената свесност на засегнатите страни, недоволната финансиска поддршка и инфраструктурни недостатоци“,
пишува во извештај на Европската комисија за напредокот на РС Македонија за 2024 година.
„Треба да се знае дека донаторите очекуваат посветеност и од страна на општините. Не само од државата. Овие средства ги обезбедува Владата, нашето Министерство заедно со други министерства за да ги обезбедиме средствата за капиталните инвестиции. Меѓутоа ако немаме посветеност од страна на општините да го прифатат и утре да го управуваат тој систем – тоа е она што ги кочи овие постапки и затоа траат толку долго време“,
вели Каранфилова Мазневска.
Членови на општинските совети на Битола и Новаци во мај 2022 година имаа можност да видат како функционира регионалната депонија изградена кај Кожани, Република Грција. Таа опслужува четири префектури и десет општини во овој дел на нашиот јужен сосед. Се работи за современ комплекс во кој од вкупната количина отпад, 68 отсто се рециклира, а 32 отсто се одлага на депонија. Ова е успешен пример на регионален систем за управување со отпад од соседството кон каков се стреми и земјава.
Како ова ќе се реализира кај нас останува на свеста и совеста на надлежните, но и на граѓаните. А, зарем може да биде полошо?