Објавата за замрзнување на царините за повеќето земји на 90 дена, освен за Кина, американскиот претседател во изјава за новинарите рече дека ќе влијае позитивно на светот и на САД, бидејќи, како што додаде, не сакаат да им наштетат на земјите кои сакаат да преговараат
Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека одлуката за паузирање на високите т.н. реципрочни царини на 90 дена кон повеќето земји, освен за Кина, ја донел утрово (според амерканско време) по состанокот со министерот за трговија, Хауард Лутник и министерот за финансии Скот Бесет, пренесе Си-ен-ен.

Трамп пред неколку часа преку објава на неговата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social) најави зголемување на царините за Кина од 125 отсто, додека за другите земји ги замрзна на 10 проценти на 90 дена, оставајќи простор за преговори.
„Би рекол утрово, во последните неколку дена, размислував за тоа. Имав разговори со Скот, со Хауард, со некои други луѓе кои се многу професионални. И мислам дека веројатно сето тоа се сложи рано утрово, прилично рано утрово, и тоа го напишав“,
рече денеска Трамп за време на медиумски настан во Белата куќа.
Она што го напишал вели дека ќе влијае позитивно на светот и за САД, бидејќи, како што додаде не сакаат да им наштетат на земјите кои сакаат да преговараат.
„Тоа беше напишано од срце. И мислам дека беше добро напишано. Напишано е како нешто што мислам дека е многу позитивно за светот и за нас. Не сакаме да им наштетиме на земјите кои не треба да бидат повредени и сите тие кои сакаат да преговараат“,
додаде тој.
Сепак, одговарајќи на прашање, тој избегна да каже дали состојбата на берзите на крајот било тоа што го поттикнало да ги замрзне тафирите за три месеци.
Американскиот претседател, кој повторно предизвика шок, овојпат со објавата за паузирање на тарифите, рече дека намерата му била да направи „фер договори“.
„Тој договор ќе биде склучен со секој од нив, и тоа ќе бидат фер договори“,
им изјави тој на новинарите за време на настанот пред Белата куќа.
Според него, голем број изразиле подготвеност да постигнат договор. Рече и дека Кина сака да го направи тоа, но не знае како.
„Кина сака да склучи договор. Тие едноставно не знаат како да го постигнат тоа. Знаете, тоа е една од оние работи што не ги разбираат сосема – тие се горди луѓе. И претседателот (на Кина) Си (Џинпинг) е горд човек. Јас го познавам многу добро. Тие не знаат сосема како да одат на тоа. Но, ќе откријат. Тие се во процес да го откријат тоа, но сакаат да склучат договор“,
изјави Трамп.
Тој повтори дека наредил 90-дневна пауза на тарифите за земјите кои не возвратиле на царините што тој ги најави минатата недела.
„Им реков, ако возвратите, ќе ги удвоиме. И тоа е она што го направив со Кина, бидејќи тие возвратија. Па ќе видиме како сето тоа ќе функционира. Мислам дека ќе функционира неверојатно“,
изјави претседателот на САД.
Коментирајќи ги царините и денешната одлука да ги замрзне, Трамп, рече дека „луѓето почнале „да се однесуваат нервозно“ поради зголемувањето на тарифите.
„Видов дека луѓето малку ја преминуваат границата, стануваа нервозни и исплашени“,
рече тој.
Сепак, Си-ен-ен оценува дека одговорот на Трамп на прашање на нивниот репортер околу причините за замрзнувањето на царините во кој вели дека „мора да се биде флексибилен“, потврдува дека неговиот тим ги следел движењата на пазарите.
Претходно во изјава за новинарите пред Белата куќа, министерот за финансии на САД, Скот Бесент, рече дека најновите промени во царинската политика на Трамп цело време биле дел од стратегијата на претседателот.
„Ова беше негова стратегија цело време, па дури може да се каже дека тој ја втера Кина во лоша позиција, тие одговорија. Тие му се преставија на светот како лоши актери, а ние сме подготвени да соработуваме со нашите сојузници и со нашите трговски партнери кои не возвратија. Тоа не беше тешка порака, не возвраќајте, работите ќе испаднат добро“,
рече Бесент.
Инаку, по денешната објава на Трамп за 90-дневна пауза берзите „живнаа“, по падот што го бележеа изминатиот период, а кој дополнително продолжи да оди надолу по објавувањето на царините минатата недела.
Претходно денеска, Европската Унија одобри царини за околу 21 милијарда евра (23,2 милијарди долари) на американски стоки како одговор на царините од 25 отсто на Трамп за извозот на челик и алуминиум од ЕУ.
Мнозинството од 27-те земји членки на ЕУ денеска гласаа за дополнителни давачки од 25 отсто, од кои некои треба да стапат во сила на 15 април.