„Граѓаните не забораваат кој го создаде овој расипан систем, кој ги штитеше криминалците, кој ги претвори судовите и обвинителството во приватни партиски канцеларии и кој со години ја покриваше неправдата“, велат од владејачката коалиција
Демократската унија за интеграција се обидува да глуми жртва барајќи истрага само за трагедијата во Кочани – велат од владејачката коалиција „Вреди“, коментирајќи го барањето на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ за формирање посебна парламентарна комисија во Собранието преку која ќе се истражи, според нив, селективниот и едностран пристап на правосудниот систем во истрагата за трагедијата во Кочани.

Од „Вреди“ додаваат дека нема да дозволат ДУИ да одлучува кои жртви заслужуваат правда, а кои треба да се заборават и затоа бара анкетна комисија за сите трагедии од изминатите години – трагедијата кај Ласкарци, изгорената модуларна болница во Тетово, случајот со компанијата „Беса Транс“, сè до трагедијата во Кочани.
„Граѓаните не забораваат кој го создаде овој расипан систем, кој ги штитеше криминалците, кој ги претвори судовите и обвинителството во приватни партиски канцеларии и кој со години ја покриваше неправдата. ‘Вреди’ ќе продолжи да се бори за вистинска правда, а не за политички фарси на партија што веќе е минато!“,
додаваат од владејачката коалиција на партиите на Албанците.
Демократската унија за интеграција вчера соопшти дека пратениците од коалицијата „Европски фронт“ ќе поднесат официјално барање за формирање посебна парламентарна комисија која ќе го истражи, како што велат, селективниот пристап на правосудниот систем во истрагата за трагедијата во Кочани.
Од опозициската партија денеска повикаа и учество на Европската комисија (ЕК) во истрагата за трагедијата во Кочани, односно нејзино мониторирање од страна на експерти.