Во поглед на одбранбената соработка на двете земји, министерот за одбрана посочил дека таа претставува пример за тоа како сојузниците соработуваат и се поддржуваат меѓусебно
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска остварил средба со заменик-министерот за одбрана на Турција, Муса Хејбет, кому му се заблагодари за медицинската помош и поддршка на Турција во згрижувањето на дел од повредените во трагедијата во Кочани.

„Нашите две земји се исклучително блиски повеќе декади и тоа го гледаме на дело. Голема благодарност од целиот македонски народ за вашата несебична поддршка во згрижувањето на дел од повредените во пожарот во Кочани. Ако пријателите се покажуваат во мака, и двете земји покажаа дека стојат една зад друга секогаш кога има потреба за тоа“,
рекол Мисајловски за време на средбата со својот турски колега.
Во поглед на одбранбената соработка на двете земји, министерот посочил дека таа претставува пример за тоа како сојузниците соработуваат и се поддржуваат меѓусебно.
„Армија се модернизира и опремува и со опрема произведена во сојузничка Турција, што покажува дека таа е согласно највисоките стандарди на Алијансата и дека имаме апсолутна доверба во турската воена индустрија. Турција е еден од најголемите поддржувачи на развојот на капацитетите на Армијата – преку донации во различни видови на опрема, како и обуки и школувања за нашите припадници во Армијата и службеници во одбраната“,
додал Мисајловски.