Изгорениците на горните и долните дишни патишта кои ги имаат пациентите имаат потреба од многу долга терапија, вели за „360 степени“ директорот на „Пирогов“, д-р Валентин Димитров. Тој, сепак, е оптимист дека на сите пациенти ќе им биде подобро
Во Софија разговаравме и со екипите на Итната помош од Софија, меѓу кои и персонал со потекло од Кочани и други градови во Македонија, а кои беа меѓу првите кои дојдоа во Скопје за да транспортираат пациенти во Бугарија. Се сретнавме и со бугарскиот пратеник Манол Пејков кој успеа сам да организира акција и да собере околу 40 илјади евра за семејствата на настраданите
Со над 300 повици дневно работи Итната медицинска помош на Софија, главниот град на Бугарија. Тоа е вообичаеното темпо на работа за лекарите и останатиот персонал.

Но, на 16 март, денот добива сосема различен тек од вообичаениот. Од рано утрината добиваат итни насоки од бугарското Mинистерство за здравство – веднаш да се соберат медицински екипи и да се упатат кон Северна Македонија. Повеќето лекари веќе имале слушнато за трагедијата во Кочани, па за рекордно време успеале да се екипираат, раскажува доктор Стефан Костадинов, раководител на смена во софиската Итна помош.
„Во координација со Министерството за здравство на Република Македонија дознавме дека станува збор за пациенти со најразличен степен на изгореници, инхалаторни изгореници, во тешка сосотојба многу од нив. Така да се што беше потребно од медикаменти, хируршки материјали, кислород во огромни количини, апарати за механичка вентилација, се тоа беше спремно на најбрзиот начин“,
вели Стефан Костадинов, раководител на смена во Центарот за итна медицинска помош во Софија, Р. Бугарија.

Со шест амбулантни возила од Софија се упатиле кон Скопје со полициска придружба која ги испратила до граница. Таму ги пречекала македонската полиција која ги придружувала до Клиничкиот центар. За дел од лекарите, како Костадинов, предизвикот бил уште поголем од вообичаено, бидејќи се по потекло од Македонија. Меѓу нив е и Марија Кушевска од Кочани.
„Првата помисла ми беше – хорор филм. Ама, за жал, не беше филм, беше една огромна трагедија. За мене беше уште поголема трагедија зашто јас скоро сите луѓе ги познавав пред болница. Имаше мои блиски, пријатели, родители. Беше страшно, не се опишува со никакви зборови.
-Кога стигнавте во Клинички во Скопје, се сретнавте со медицинските тимови, што беше вашата задача во тој момент?
Кога стигнавме во Скопје прво нешто, јас се сретнав со мои роднини од Кочани, сите чекаа информација за пациентите. Пациентите беа претходно тријажирани кои од нив ќе се транспортираат во странство. Се се одвиваше супер брзо, организацијата беше на професионално ниво“,
раскажува Марија Кушевска – лекарка во Итната медицинска помош на Софија, Р. Бугарија.

Повредените веќе биле распределени кон која болница треба да се упатат. Пациентот кој се превезувал со Кушевска имал изгореници на лицето и рацете.
„Фала богу немаше потреба од реанимација. Нашиот пациент беше стабилен, ние бевме реанимациона екипа – лекар, шофер и болничар. По патот беше постојан стрес, ама стигнавме фала богу живи и здрави во болницата во Пловдив.
– Во каква состојба е сега?
Вчера се слушнав со мајка му и кажа дека оди на подобро“,
вели Кушевска.

Транспортот на повредените бил стресен и за доктор Даниел Кировски кој потекнува од Валандово. Тој бил во амбулантното возило кое пристигнало прво во Скопје.
Мојот пациент беше во тешка состојба. Тој беше интубиран, тој не беше контактен, неадеакватен, медикиран како што кажа, на кислородна вентилациска поддршка, така што во моето возило имаше дополнително боци со кислород, ја имавме целата опрема за транспорт. Мислам дека беше на 19 години со 35 % изгореници.
вели Даниел Кировски, лекар во Итнта медицинска помош на Софија, Р.Бугарија

Но, добрата координација со колегите од Македонија била клучна за брза реакција.
„Буквално за секунди, за минути ни беа предадени пациентите. Со каква медикација, колегата од Анестезиологија и реанимација само со неколку зборови рече, медикирани се со тоа, таква инфузија е дадена, со цел ние покрај транспортот да знаеме што е правено, како е правено и за тие деца, на таа голема трагедија, живи да ги донесеме, да ги транспортираме до болниците во Бугарија.
– Сте имале ли слична ситуација, на толкав број на пациенти да треба да се третираат истовремено?
Не. Таква трагедија, толкава масовна катастрофа, не, немам видено, Тоа што го видов во Скопје горе во болницата, мислам дека беше ад, беше пекол“,
вели Кировски.

Раководителот на смената, д-р Костадинов, останал во Софија и од тука ја водел целата координација со амбулантните возила, со болниците од другите градови во Бугарија, но и со воениот авион „Спартан“ кој беше вклучен од бугарските власти за спасување на повредените пациенти.
„Имавме постојана врска и контакт со колегите од Пловдив каде што исто работат македонски лекари. Им испративме состојба на пациентите што да очекуваат, како да се подготват. Во истиот момент се очекуваше и слетување на воениот авион на аеродромот, кој превезуваше осум од тешко повредените. Пет од нив беа планирани и се знаеше дека треба да бидат транспортирани од аеродромот до ‘Пирогов’. Тие беа првите и можеби најтешко повредени”,
вели Костадинов.
Тројца од пациентите биле пренесени во болница во Варна, а тројца во Пловдив. Најголемиот дел се лекуваат во главниот град.

Во Бугарија беа транспортирани 15 од повредените при пожарот во Кочани. Осум пациенти се хоспитализирани во „Пирогов“, Софија. Оваа болница го има еден од поголемите центри за третирање изгореници во регионот.
Центарот е дел од Клиниката за изгореници и пластична хирургија, каде се згрижени повредените. За нив се грижи тим од триесетина лекари. Меѓу пациентите има и деца на возраст од 15 години. Тие се третираат во посебен оддел, објаснува директорот на „Пирогов“, Валентин Димитров.
„Вкупниот број кревети во клиниката е 65, што е постојниот број на кревети. Имаме дополнително 15 реанимациски кревети кои се опремени со современа апаратура и современ потрошен материјал и се што е потребно. При катастрофи, хаварии и такви трагични инциденти, каков овој, имаме можност да го зголемиме капацитетот на клиниката, да примиме голем број пациенти, колку што е потребно и да им понудиме висок квалитет и потребна помош за да им ги спасиме животите“,
вели Валентин Димитрoв, директорот на „Пирогов“.

Во однос на лекувањето и состојбата на повредените, Димитров вели дека очекува подобрување.
„Само еден е се уште интубиран затоа што не дозволува неговата состојба. Во моментот се бориме со второстепените повреди и проблеми кои се манифестираат како општа инфекција, инфекција на дишните патишта, од проста причина што секое едно изгорено место преминува низ различни етапи и во еден момент инфекцијата е нешто што е очекувано. Изгорениците на горни и долни дишни патишта кои ги имаат тие пациенти имаат потреба од многу долга терапија, многу долг престој во болница. Замислете си еден пациент што ќе се разболи од пневмонија колку долго боледува додека да се исчисти и да се залекува, а тука зборуваме за засегање на дишните патишта кое е многу подраматична и потешка состојба. Молбата е блиските да се вооружат со трпение, зашто тоа е долг процес на оздравување. Тоа што би сакал позитивно да кажам е дека јас искрено се надевам, уверен сум со секој изминат ден за тие пациенти дека крајниот резултат ќе биде позитивен“,
објаснува Димитров.

Семејствата на повредените кои се лекуваат во Софија се сместени во хотели близу болницата. Постојано се во контакт со лекарите и најмалку два пати дневно доаѓаат да се информираат за состојбата на блиските.
Стапивме во контакт со нив, но јавно не сакаа да зборуваат. Ни кажаа дека се задоволни од третманот и лекувањето во болницата и се надеваат на што поскоро закрепнување на блиските.

А во Софија речиси и да нема човек кој не слушнал за трагедијата во Кочани и кој не сочувствува со жртвите. Сите мислат дека е добро соседите да си помагаат.
„Тоа е нешто што е за пофалба, многу добро и така треба да биде, браќа сме и треба да си помагаме, сите држави од Југославија, сите држави треба да си помагаме на Балканот.
Тука многу луѓе дошле, дарувале крв и дури рекоа да престанат бидејќи е преоптоварено. Едно од децата било со ретка крвна група А1 негатив, а тоа е навистина ретка група. Што да кажам, несреќа голема.
Кога луѓе имаат потреба, ние како лекари, човечки е да се помогне, нели тоа е нашата должност и работа. Не е нешто посебно. Едноставно, со задоволство ја работиме работата и во такви моменти треба сите да сме обединети затоа што трагедијата е голема“,
велат дел од граѓаните.

Освен преку лекување, помош од Бугарија стигна и преку донации на пари за настраданите во Кочани. Пратеникот од Демократска Бугарија, Манол Пејков, преку неговата фондација за помалку од една недела успеа да собере 40 илјади евра.
„Реакцијата беше многу спонтана. Сочувството, според мене, е очигледно. По мое грубо сознание, луѓето што донираа кај нас се над 500. Тоа покажува како реагираат луѓето. Јас не сум институција, сигурен сум дека по други канали реагирале илјадници луѓе. Видов дека пред болниците во Софија, Пловдив и Варна имаше големи редици за дарување крв. Мислам дека реакцијата беше апсолутно спонтана и многу навремена“,
вели Манол Пејков, пратеник од Демократска Бугарија.

Пејков изминатиот викенд го посети Кочани каде се запознал со луѓето од кризниот штаб. Таму го информирале за состојбата на повредените и семејствата на настраданите.
„Ние сакаме парите да отидат кај луѓето на кои им се најпотребни. Најлесно е да ги распределиме еднакво или да ги дадеме на некоја организација која се занимава со проблемите на настраданите. Едноставно, од искуство знаеме дека колку повеќе го скратиме растојанието на парите до примателите, толку е посигурно дека ќе одат кај вистинските луѓе“,
додава Пејков.
За само четири дена повеќе од 1 000 луѓе се пријавиле да даруваат крв за повредените од Кочани. Според информациите од лекарите , акцијата е прекината, бидејќи се собрани доволно единици крв.
Во вакви трагедии како што велат нашите соговорници, тагата не препознава ниту народ, ниту јазик.
„Болката е огромна, ќе се надоврзам на едни студенти од Тетово, а и други колеги го кажаа ова – можеби зборуваме на различен јазик, но болката е иста“,
порачува д-р Даниел Кировски.