Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека во најголем дел од училиштата постои противпожарна опрема, но оти таа некаде ќе треба да се дообнови и да се досреди, на што, како што рече, активно се работи

Претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вели дека училиштата и градинките се безбедни и оти родителите треба да бидат спокојни.
„Децата учат во безбедни училишта. Јавноста и родителите да бидат спокојни, нема простор за паника и страв. Оправдана беше нивната паника и страв, но децата се во сигурни раце и ние сме гарант за сето тоа“,
рече Ѓорѓиевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Основното училиште „Партенија Зографски“.
Ѓорѓиевски вели дека сè што било утврдено како недостаток ќе биде отстрането во наредниот период.
„Сето она што е утврдено како недостаток, дали некаде треба да се замени црево заради застареност, дали има пропусти од типот дека во одредено училиште не се спроведени редовни контроли… тоа не смее да се случува во перспектива. Во наредниот период експедитивно ќе биде отстрането од страна на локалните власти во соработка со директорите на училиштата и службите на општините“,
додаде тој.
Тој додаде дека во наредниот период ќе се заложи задолжително да биде најмалку еднаш во годината согласно закон да мора да се вршат редовни контроли, а не да се остава на добрата волја на градоначалникот или на службите.
Ѓорѓиевски рече дека сега се прават вонредни инспекциски контроли, посочувајќи дека во Општина Кисела Вода, редовната контрола е направена на крајот на минатата година и има целосно комплетна документација за тоа дека училиштето е по сите стандарди и ги исполнува сите услови.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека во најголем дел од училиштата постои противпожарна опрема, но оти таа некаде ќе треба да се дообнови и да се досреди, на што, како што рече, активно се работи.
Министерката најави и дека изминатите денови остварила средба со Црвениот крст, Меѓаши и со други институции, на која се договориле да го зајакнат делот во образование на учениците како да постапуваат во кризна ситуација.
„Имаме понуда од германската амбасада да помогне во тоа и ќе ја прифатиме. Во тек сме на организацијата. Првично треба да ги обучиме наставниците да знаат како да се однесуваат во таква состојба, а потоа тоа знаење да го пренесат на учениците“,
рече Јаневска.
Прашана во кои градови училиштата немаат доволно противпожарна опрема, Јаневска рече дека таа се наоѓа во сите училишта, меѓутоа кај некои, главно во внатрешноста на државата, се случува апаратите што еднаш годишно треба да се проверат тоа да не е направено.
„Тие сега ќе се допроверат. Исто така, треба да се проверат и цревата дали се на соодветното место и дали се исправни и тоа е сега во тек“,
додаде таа.
Претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски, одговарајќи на прашања се осврна и на податоците од досегашните контроли што се направени на станбените објекти.
Тој рече дека постарите станбени згради имаат проблем околу хидрантската мрежа и дека најчесто проблемите се од типот дека не поседуваат доволно опрема, односно дека немаат црева во хидрантите.
„Наложено е од нашите служби во соработка со ДЗС во скоро време да се постапи. Секогаш сум за варијантата да дадеме простор да се поправат сите оние грешки од минатото пред да се премине на она што значи казнување во одреден процес. Најлесно е да изречете казна, потешко е да го промените системот и да воспоставите систем каков што граѓаните заслужуваат повеќе од 30 години“,
рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски најави и дека побарал од сите градоначалници во наредните денови секоја општина да достави записници од извршените контроли кои треба да се потпишани од сите релевантни лица кои учествувале во теренските проверки.