Во конкретниот случај, како што велат од Министерството, постои сомнение за сторено кривично дело телесна повредена при вршење семејно насилство, за кое според актуелниот Кривичен законик гонење се презема по предлог на жртвата, што таа одбила да го поднесе
Откако вчера на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како маж физички малтретира и тепа жена, од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопштија дека насилникот е лишен од слобода и против него е поднесена кривична пријава.

Случајот, како што информираат од Министерството, во Секторот за внатрешни работи Струмица бил пријавен во саботата (23 март) од страна на мајката на жртвата.
По преземените мерки, полицијата го утврдила идентитетот на мажот, односно дека станува збор за 35-годишниот А .А. од Радовиш, кој истиот ден, еден час по пријавата на случајот бил уапсен и задржан во полициската станица во Радовиш.
Исто така, според МВР, во присуство на социјален работник од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Радовиш, разговор бил извршен и со нападнатата жена, која кажала дека видеозаписот е од јули минатата година.
Во конкретниот случај, како што велат од Министерството, постои сомнение за сторено кривично дело телесна повредена при вршење семејно насилство, за кое според актуелниот Кривичен законик гонење се презема по предлог на жртвата.
„Бидејќи во конкретниот случај постои сомнение за сторено кривично дело телесна повреда по член 130 став 2 во врска став 1 од Кривичниот закон, каде во став 5 од истиот член стои дека гонењето се презема по поднесување на предлог за гонење, од жртвата било изјавено дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка“,
велат од МВР.
За случајот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, по чии насоки биле преземени натамошни мерки, односно од Одделението за внатрешни работи Радовиш до Обвинителството завчера (25 март) била поднесена кривична пријава против А. А. за кривичното дело телесна повреда по наведениот член и ставови од Кривичниот законик.
Од МВР додаваат дека продолжуваат да се преземаат дејствија за целосно испитување на настанот.