Во интервју за Фокс њуз негираше дека се познава со новинарот на „Атлантик“, а во поголем дел од излагањето даваше критики за објавувањето на натписот и посочи дека тоа е направено без докази
Советникот за национална безбедност на Мајк Волц на Соединетите Американски Држави (САД) ја презеде одговорноста за вклучувањето на новинарот Џефри Голдберг, главен уредник на „Атлантик“, во групниот разговор на апликацијата Сигнал во кој високи американски функционери разговарале за воена операција за напад на јеменските хути.
Ова тој вчеравечер го изјави за Фокс њуз откако овој случај е критикуван во американската јавност и е оценет како еден од поголемите пропусти во воената операција.

„Јас ја создадов групата. Ја преземам целата одговорност. Моја работа е да се осигурам дека сè е координирано“,
рече тој.
Негираше дека се познава со новинарот на „Атлантик“, а во поголем дел од интервјуто даваше критики за објавувањето на натписот и посочи дека тоа е направено без докази.
„Можам да ви кажам дека 100 отсто не го познавам тој човек. Го познавам само по неговата ужасна репутација во јавноста“,
додаде советникот.
Посочи дека веројатно имал снимени телефонски број на новинарот за кој сметал дека му припаѓа на некој друг.
„Техничките тимови се обидуваат да дознаат како тоа можело да се случи“,
кажа Волц.
Новинарот на „Атлантик“ објави дека бил додаден во група во која биле и потпретседателот Венс и министерот за одбрана Хегсет, а во која биле објавени детални планови за нападот извршен на 15 март од страна на американската војска врз јеменските хути, и тоа два часа пред да бидат извршени.
Во разговорот, според Голдберг, детално се разгледувале сите аспекти на операцијата, како времето и целите на нападите, можните реакции од другите држави, можните ризици и последици. Посочи дека потпретседателот Венс бил против избрзан напад и се обидел да ги убеди другите учесници во дискусијата да се одложи операцијата, но неговиот став не наишол на поддршка.
Белата куќа потврди дека новинарот случајно бил додаден во групен разговор во кој претставници на американската национална безбедност планирале напад.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, коментирајќи го случајот рече дека додавањето на новинарот во групниот разговор е грешка која на крајот и не била така сериозна. Додаде и дека Мајк Волц ја научил лекцијата од грешката.
Хутите, бунтовничка група во Јемен, започнаа напади врз бродови во Црвеното Море, важна поморска трговска маршрута, во знак на солидарност со Хамас и Палестинците во Појасот Газа, откако Израел започна воздушна и копнена офанзива во октомври 2023 година.
Нападите на хутите ги поттикнаа американските одмазднички напади, но и ја попречија глобалната трговија, бидејќи бродовите се пренасочуваат подалеку од Црвеното Море и Суецкиот Канал преку подолга бродска рута.