„Морам да бидам груб и да кажам, колку и да ми се налутат сопствениците, колку и да велат дека сум лош или дека Владата е лоша, повеќе од 80 отсто ќе бидат затворени и нема да вршат дејност зашто не ги исполнуваат минималните технички услови. Нема играње со овие работи“, рече премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Сител

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) извршил контрола во 60 до 70 локали, дури и во оние со важечки лиценци, но повеќе од половина не ги исполнувале минимално-техничките услови за работа. Ова вечерва го изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Сител.
Тој рече дека повеќе од 80 отсто од тие локали ќе бидат затворени и дека се очекува инспекциските контроли да завршат за една до две недели, по што точно ќе се знае кои локали се безбедни. „Тие што ќе продолжат да работат ќе значи дека сто проценти ги исполнуваат минимум пропишаните услови“, рече Мицкоски.
Посочи дека разговарал со претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и од него побарал итно да закаже управен одбор, да се проверат сите објекти што се под општинска надлежност, а комуналните инспектори да излезат на терен за да ги проверат натстрешниците на објакетите, терасите итн.
„Морам да бидам груб и да кажам, колку и да ми се налутат сопствениците, колку и да велат дека сум лош или дека Владата е лоша, повеќе од 80 отсто ќе бидат затворени и нема да вршат дејност зашто не ги исполнуваат минималните технички услови. Нема играње со овие работи. ДПИ вложува натчовечки напори да направи контрола во сите локали, барови, поголеми, помали. Ќе се менуваат и законите, ова мора системски да се реши, но откако прво кривично ќе биде решен целиот случај, овој и уште неколку други“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека многу сопственици рекле дека нема да ги отворат локалите бидејќи се свесни дека не ги исполнуваат условите.
„Во моментот низ цела држава фунцкинираат меѓу 50 и 60 објекти со дејност кабаре или диско-клубови затворени или отворени, 22 се со лиценци, а повеќе од половината не ги исполнуваат потребните технички услови. За да стекнете право на лиценца според законските измени од 2007 година, треба да кажете дека сè имате и никој нема потреба да провери“,
вели тој.
Потенцира дека никој од одговорните за трагедијата во Кочани нема да биде поштеден. „Ќе има одговорност за секој што постапил незаконски, независно од која партија е, дали е Македонец, Албанец, муслиман или христијанин“, порача тој.