„Согласно законските прописи, бројот на пиротехничките средства, целта на палење ракети и приредување огномет, факелијада или слични, приредби мора да се пријават во Сектор за внатрешни работи на чие подрачје ќе се одржат. Во пријавата се наведува место, време, број, количини итн. Пријава до Министерството немало“, изјави министерот за внатрешни на денешната прес-конференција
Пиротехничките средства во ноќниот клуб во Кочани каде што вчера утрото се случи трагедија во која животите ги загубија 59 лица, а над сто се повредени ги донел бендот кој кобната ноќ настапувал во објектот со супстандардни услови за угостителски објект.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изнесувајќи, како што кажа, конкретни факти кои се утврдени во досегашната истрага.
„Од извршен разговор со член на групата ДНК утврдено е дека пиротехничките средства – прскалки во дискотеката ги донел бендот. За жал, лицето што било задолжено за нивна употреба е починато“,
изјави Тошковски.
Во врска со пиротехничките средства што се користеле во дискотеката по увидот и форензичката анализа, како што кажа министерот, ќе биде доставен извештај до Јавното обвинителство кое, пак, потоа ќе достави барање до МВР за да се утврди од која категорија била пиротехниката.
По ова дополнително ќе се утврди дали било потребно поседување соодветен сертификат за употребата на пиротехниката.
Инаку, за употреба на пиротехничките средства, како што кажа Тошковски, немало пријава во Министерството за внатрешни работи, односно надлежен Сектор за внатрешни работи, како што пропишува законот.
„Во однос на оние прашања коишто беа во делот на пиротехнички средства, дали Министерството требало да издаде одредени дозволи и какви, согласно законските прописи, бројот на пиротехничките средства, целта на палење ракети и приредување огномет, факелијада или слични приредби мора да се пријават во Сектор за внатрешни работи на чие подрачје ќе се одржат. Во пријавата се наведува место, време, број, количини итн. Пријава до Министерството немало“,
рече министерот за внатрешни работи.
Во однос на тоа дали Министерството за внатрешни работи требало да го обезбедува надвор настанот, Тошковски кажа дека МВР не било известено ниту од организаторите ниту од кој било друг дека таков настан ќе се одржува.
„Министерството за внатрешни работи нема обврска да врши постојано обезбедување пред секој угостителски објект, ноќен клуб. Од организаторот на настанот таква информација до Министерството за внатрешни работи не е доставена. Согласно закон се пропишани услови како треба да биде обезбедуван ваков настан, треба да има соодветно обезбедување од страна на соодветна агенција итн. Истото се врши по писмено известување, односно барање на организаторот коешто, напоменувам, не е доставено до Министерството за внатрешни работи“,
кажа Тошковски.
Затоа дали организаторот требало да добие дозвола за настан од ваков обем, министерот изјави дека Министерството за внатрешни работи не дава одобрение за одржување на настани од било каков карактер, од помал и поголем обем, туку само ја следи состојбата и презема активности за одржување на поволен ред и мир доколку настанот не е пријавен во надлежна полициска станица.
Навраќајќи се на прашањето за пиротехниката, рече дека оваа проблематика во земјава е регулирана со стар закон уште од времето на поранешна СФР Југославија и дека е потребен нов закон.
„Нов закон кој согласно директивата на Европската Унија од 2013 година ќе треба да се донесе до крајот на оваа година“,
изјави министерот за внатрешни работи.

Според она што е познато досега, пожарот во таканаречената дискотека почнал помеѓу 2:30 и 2:40 часот по полноќ.
Во јавноста се појавија видеа од внатрешноста на објектот и тоа од моментот кога почнува да гори. За време на концертот на групата ДНК, додека бендот изведува една од своите нумери, на сцената се палат пиротехнички средства, т.н. прскалки.
Во еден момент, веројатно од искрите од прскалките, се пали плафонот. На друга снимка се гледаат обиди да се изгаси пожарот со уред кој наликува на противпожарен апарат, а публиката го набљудува дејствието. Некој од бината почнува да алармира – излегувајте надвор. Следните снимки се од надвор – се слушаат пискотници, се гледаат луѓе кои се обидуваат да помогнат што повеќе луѓе да излезат од објектот и луѓе што излегле и стојат или седат наоколу. Во изјава за медиумите, девојка која се извлекла со полесни повреди, тврдеше дека настанало и стампедо.