Повредени се најмалку 100 лица, додаде министерот за внатрешни работи, во првото обраќање пред јавноста на официјално лице по трагедија која утринава се случи во дискотеката „Пулс“
Според МВР, првична причина за пожарот се искрите од т.н. прскалки – пиротехнички средства кои служеле за постигнување на светлосен ефект, но кои го зафатиле таванот кој бил од лесно запалив материјал
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека бројот на починати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани до овој момент е 51 лице. Повредени се над 100 лица, кои се префрлени во болниците во Кочани, Штип и Скопје. Ова е првата официјална инормација која ја соопштува надлежно лице, по трагедијата која се случи утринава во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Со длабока тага и болка, ја известувам јавноста дека во оваа трагедија, според податоците со кои располагаме, досега животот го загубија 51 лице, а повеќе од 100 лица во болниците се повредени и пренесени низ болниците во Штип, Кочани и Скопје“,
изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Во изјавата за медиумите Тошковски потврди дека пожарот се случил за време на концерт на групата „ДНК“ во дискотеката. Веројатната причина, како се шпекулираше претходно, е употребата на пиротехника.
Пожарот настанал како последица на искри од пиротехнички средства коишто биле употребени за светлосен ефект на концертот. Во моментот на активирање на т.н. прскалки најверојатно искрите го зафатиле таванскиот дел кој бил дел од лесно заппалива материја по што за многу краток временски период пожарот се проширил низ целата дискотека и се создал густ чад.
изјави Тошковски.
По информацијата за пожарот реагирале локалната полиција, територијалната противпожарна служба и Итна помош, а набрзо пристигнала помош и од другите градови.
По подготвената изјава почнаа прашањата на новинарите. Првото беше – дали објектот во кој била сместена дискотеката, а кој се наоѓа близу до резиденцијален објект, воопшто има дозвола и кој му дозвил да работи до сега? Тошковски не одговори директно. Наместо тоа објасни дека дошол во Кочани во 5 часот, дека во градот се директори на други служби и премиерот, но и дека „јавноста многу добро знае во однос на дискотеката во каква состојба била“. Потоа додаде:
„Имаме веќе превидено лица во врска со предметниот настан. Сакам да ја уверам македонската јавност дека во овој случај ќе се утврди одговорност точна со име и презиме“,
На прашањата, дали меѓу приведените се и организаторите на концертот и сопственикот на локалот, Тошковски одговори дека некои се приведени и со нив се врши информативен разговор, додека дел од нив се меѓу повредените.
„Дел од лицата коишто треба да бидат, односно се во рамките на соодветна постапка, се приведени и се врши разговор со нив. Дел од лицата коишто биле организатори се дел од оние коишто се тешко повредени во рамки на оваа катастрофална несреќа. Така да, бидете овде, ќе ве информираме за сите детали…“,
изјави Тошковски.
Министерот за внатрешни работи кажа и дека е формиран оперативен штаб кој во соработка со болниците ги информира роднините на настраданите и повредените. Изјави и дека телата на починати има во повеќе болници и дека по идентификацијата и информирањето на семејствата, на сите ќе биде извршена обдукција.
Тошковски доби и повеќе прашања дали чувствува морална одговорност и дали ќе си поднесе оставка. Одговори дека морална одговорност има кај сите, но на повторените прашања за оставка неколкупати замоли да се остави простор да се заврши истрагата и да се утврдат сите факти и околности.