„Инструментот интерпелација во никој случај не може да биде употребен за уставните судии, затоа што ние сме контролори на сите три власти и на законодавната и на извршната. Тоа би бил распад на уставниот поредок“, рече претседателот на Уставниот суд одговарајќи на новинарски прашања на денешниот брифинг
Тој го сподели и својот став во врска со изгласаните интерпелации на петтемина членови на Судскиот совет, велејќи дека интерпелацијата е еден од механизмите на контрола и рамнотежа и дека уставните гаранции за независноста на Судскиот совет се многу важни
Никој во државата нема повеќе права од оние што му ги дава Уставот и секој е должен да го почитува Уставот, вклучувајќи го и Собранието, рече денеска претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во врска со најавените интерпелации на ДУИ за сите членови на овој Суд, а во пресрет на подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците закажана за в четврток (20 март).

Претседателот на Уставен се надоврза на вчерашното соопштение од Судот во кое оттаму наведоа дека Уставот на Република Северна Македонија не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија, ниту од страна на законодавната ниту од извршната власт.
Костадиновски дополнително даде и свое мислење и образложение на ваквиот став на Уставниот суд.
„Кристално јасно му е на секој на студент на правен факултет од прва година дека Уставниот суд претставува четврта власт и не подлежи на начелото на поделба на власта. Инструментот интерпелација во никој случај не може да биде употребен за уставните судии, затоа што ние сме контролори на сите три власти, и на законодавната и на извршната. Тоа би бил распад на уставниот поредок. Замислете Собранието да не е задоволно од некоја постапка или некоја одлука на Уставниот суд и да покрене интерпелација на судиите. Смислата на Уставот не е таква. Уставотворците не случајно нè издвоиле. Тоа значи дека уставното начело за поделба на власта важи само и само за овие три власти (извршната, законодавната и судската), тие ја делат власта и во таа поделба на власта постојат принципи што се викаат контрола и рамнотежа и интерпелацијата е еден од тие механизми“,
рече Костадиновски.
Тој и со една реченица, условно кажано, пластично го појасни овој нивен став.
„Собранието не може да биде контролор на тие што го контролираат“,
рече претседателот на Уставен.
Прашан што доколку бидат поднесени вакви интерпелации и ако евентуално претседателот на Собранието ги стави во постапка, дали тоа ќе значи дека спикерот ќе треба да понесе некаква одговорност, Костадиновски рече дека тој не може да предвидува дали некој ќе понесе одговорност, туку може само да укаже дека секој е должен да го почитува Уставот.
Во своето образложение тој ги спомена изгласаните интерпелации на петтемина членови на Судскиот совет, па во таа насока беше и прашан кој е неговиот став во врска со овој потег, кој опозицијата и дел од правниците го оценија како упад на извршната во судската власт, користејќи го притоа Собранието како инструмент.
Костадиновски, одговарајќи на прашањето, рече дека што е уставно, а што не е, не кажува тој, туку Уставниот суд, но кажа оти има став по ова прашање. Образложувајќи го, рече оти е неспорно право на законодавецот да нормира или кога ќе увиди некои слабости во поредокот да интервенира со законски измени и дополнувања. Но, должност на законодавецот, како што додаде, е и да го почитува Уставот.
„Нашиот Устав не кажува сè. Ниту еден устав не кажува сè. Интерпелацијата е уставна категорија. Но, нашиот Устав, пак, дава гаранции на независноста на судската власт. Мое лично мислење е дека тоа е принцип на контрола и рамнотежа на законодавната и извршната власт во судската власт, затоа што Судскиот совет е еден од најважните органи во судската власт кој ужива гаранции за својата независност“,
рече Костадиновски.
Во конкретниот случај, тој напомена дека недоверба е изгласана на петтемина членови на Судскиот совет кои не се судии и не се избрани од судиите, туку од Собранието, од кои двајца на предлог на претседателот на државата.
„Овој суд пред две или три години, укина некои одредби од Законот за Судски совет и тоа ја укина одредбата дека претседател на Судски совет може да се избира само од редот на несудските членови, што за нас беше апсурд и со право ја укинавме таа одредба. Но, што вели нашето образложение, дека е апсурд да се прави разлика помеѓу важноста на гласовите и пристапот до местото претседател на Судскиот совет помеѓу несудските членови и судските членови затоа што нивното право на глас е еднакво, нивните должности и нивните надлежности се еднакви што значи дека се изедначени. Сега се поставува прашањето дали е можна интерпелација и за судските членови во Судскиот совет, затоа што Уставниот суд рекол дека се еднакви, а судските членови додека членуваат во Судскиот совет нивните судиски функции мируваат. Сега се поставува и таа дилема. Значи постојат дилеми и за постапувањето на Собранието, но јас секогаш велам дека не е толку тешко да се толкува Уставот. Уставните гаранции за независноста на Судскиот совет се многу важни гаранции“,
рече Костадиновски.

За потсетување, пратениците на Демократската унија за интеграција (ДУИ), на седницата посветена на интерпелацијата на членовите на Судскиот совет, најавија дека ќе бараат интерпелација и на уставните судии.
Посочија дека со интерпелацијата на Судскиот совет се поткопуваат темелите на демократијата и се вршат притисоци за оставка, но оти ќе вратат со исто средство за судиите од Уставниот суд, за кои нагласија дека задираат во албанскиот јазик.
„Ќе почнеме од Уставниот суд. Набргу ќе поднесеме интерпелација за судиите на Уставниот суд кои се избрани во овој дом. Значи, тие го допираат тоа што е недопирливо, таму каде што никој не смее да допира – договорот што е гарантиран од меѓународната заедница“,
изјави Илир Хасани од ДУИ на собраниската седница во вторникот.