Претседателката на парламентот оцени дека затворањето на законодавниот дом еден ден пред студентските протести во главниот град на Србија е нормално, природно и единствено можно решение за да се избегне каква било злоупотреба на државните институции
Претседателката на парламентот на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека од безбедносни причини, зградата на законодавниот дом ќе биде затворена од денеска до понеделник. На денешната прес-конференција таа оцени дека затворањето на парламентот еден ден пред студентските протести во главниот град на Србија е нормално, природно и единствено можно решение за да се избегне каква било злоупотреба на државните институции.

Брнабиќ додаде дека ниту таа ниту пратениците во моментов не можат да влезат во српскиот парламент.
„Ваквата одлука ја донесовме за да се обидеме да ги намалиме сите безбедносни ризици, за никој да не се обидува да предизвика инциденти во самиот парламент“,
изјави претседателката на парламентот на Србија.
Дел од парламентарната опозиција ја осуди одлуката за затворање на законодавниот дом.
Студентите, кои повеќе од три месеци ги блокираат факултетите низ Србија, повикаа на масовен протест во Белград на 15 март. Властите во Србија со денови најавуваат можни немири на најавените демонстрации, додека студентските организации се оградуваат и повикуваат на мирен протест.
Во пресрет на утрешниот протест, Светиот архиејрејски синод на Српската православна црква (СПЦ) ги повика сите кои на кој било начин се вклучени во актуелните настани, да ги прекинат поделбите и да иницираат дијалог.
- Во пресрет на протестот во Белград, Синодот на СПЦ повика на прекин на поделбите и иницирање дијалог