Првиот лет на релација Скопје-Амстердам е реализиран синоќа од 21 часот на Меѓународниот аеродром „Скопје“
По 12 години пауза, повторно е вратена авионската линија Скопје-Амстердам.
Како што објави министерот за транспорт Александар Николоски, со летот Амстердам-Скопје-Амстердам ќе оперира авиокомпанијата „Трансавиа“, двапати во неделата – во четврток и во недела.

Првиот лет е реализиран синоќа од 21 часот на Меѓународниот аеродром Скопје.
„После 12 години успеавме повторно да ја вратиме линијата Скопје-Амстердам. За многу кратко време успеавме да овозможиме нови десетина дестинации од двата домашни аеродроми со што даваме силен поттик и развој на воздушниот сообраќај, поконкурентни услови за патување и нови дестинации за граѓаните“,
пишува министерот Николоски во објава на Фејсбук.
Авионите на холандската авиокомпанија ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром во четврток во 9:35 часот, а ќе полетуваат кон аеродромот Шипхол во 10:25 часот. Во недела, „Трансавиа“ ќе слетува во Скопје во 20:45 часот, а ќе полетува кон Амстердам во 21:35 часот.