Откако не се договорија за владиниот предлог, опозицијата најави свое законско решение за статусот и судбината на Специјалното јавно обвинителство. Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека едвај чека да го види предлогот, но и дека нема да го прифати ако тој значи амнестирање на криминалот на претходната власт. И додека на маса се чека нов предлог, стариот е привремено во фиока, затоа што ВМРО-ДПМНЕ ја толкува актуелната понуда како обид на власта да им ја забрани партијата.
Последна во низата изјави со кои се сугерира тоа дојде од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за ТВ „Канал 5“.
Што вели кривичниот законик?
Забраната за вршење дејност, вклучувајќи ги и политичките партии, е регулирана во Кривичниот законик. Во член 96 в, став 9, пишува:
„Казната привремена или трајна забрана за вршење одделна дејност и престанок на правното лице не може да се изрече на правно лице основано со закон, како и на политичка партија.“
Поедноставено, кривичниот законик изречно забранува престанок на постоење или забрана за вршење на дејност за политичка партија. Тоа би значело дека иако со обвиненијата на СЈО во предметот „Талир“ се гони и правното лице ВМРО-ДПМНЕ, судовите не може да изречат казна со која би било забрането постоењето на оваа политичка партија – ниту привремено ниту трајно.
Кој и за што е обвинет во „Талир“
Обвинителните акти „Талир“ – за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, и „Талир 2“ – за незаконска изградба на седиштето на оваа партија, се поднесени на 22 ноември 2018 година. А, токму судбината на обвиненијата и истрагите отворени по 30 јуни 2017 година е главниот елемент за кој засега не можат да се усогласат власта и опозицијата во преговорите за нов закон за јавно обвинителство, кој треба да го реши и прашањето за идниот статус на СЈО. Дополнително, во јануари оваа година Врховниот суд утврди начелно правно мислење, според кое, по 30 јуни 2017 година СЈО „не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка.“

Обвинението за „Талир“ е против шест физички и едно правно лице: Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски, Елизабета Чингаровска, како и ВМРО-ДПМНЕ, за злоупотреба на службената положба и овластување, и перење пари и други приноси од казниво дело.
Обвинението за изградба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против Никола Груевски и Кирил Божиновски кои, според СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради објектот.

Кривичниот суд во јануари, пред Врховниот суд да го утврди цитираното начелно правно мислење, го одобри обвинението за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ (во судскиот процес претстојат воведни говори), а обвинителниот акт за изградбата на седиштето се уште е во фаза на оценка. На барање на СЈО, во меѓувреме, судот замрзна околу 70 станбени единици во сопственост на партијата (купени во периодот 2013-2015 г.), а забрана за отуѓување има и за седиштето.
Решавање на судбината СЈО е услов за Холандија да поддржи отворање пристапни преговори за ЕУ со С. Македонија. Во годишниот извештај на Европската комисија, пак, меѓу другото, пишува:
„Од суштинско значење е да продолжи воспоставување правна одговорност за криминалите кои произлегуваат и се поврзани со прислушуваните разговори.“