За период од околу пет месеци ова е втора заедничка средба на владите на двете земји, откако на чело на македонската е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Првата се одржа кон крајот на септември лани во Охрид, каде на гости беа унгарскиот премиер Виктор Орбан со неговите министри
Премиерот Христијан Мицкоски и владините министри утре и задутре (3 и 4 март) ќе учествуваат на унгарско-македонскиот владин самит што ќе се одржи во Унгарија.

Според агендата, за која денеска информираа од владината прес-служба, Мицкоски и неговиот домаќин, унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе имаат тет-а-тет средба, а во рамките на самитот предвидено е да се одржат и билатерални средби помеѓу ресорните министри на двете влади.
По ова ќе следи заедничка седница на владите на двете земји.
Во рамки на посетата, како што информираа од Владата, предвидено е министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешна политика и трговија на Унгарија, Петер Сијарто да потпишат акциски план за размена на експертиза од страна на унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ.
По завршување на меѓувладината седница, како што е предвидено, претседателот на македонската Влада, Христијан Мицкоски и премиерот на Унгарија ќе одржат заедничка прес-конференција.
Инаку, за период од околу пет месеци ова е втора заедничка средба на владите на двете земји, откако на чело на македонската е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Првата се одржа кон крајот на септември лани во Охрид, каде на гости беа унгарскиот премиер Виктор Орбан со неговите министри.
И тогашната средба беше организирана според идентична агенда, каква што е најавена и за состанокот на двете влади што утре и задутре ќе се одржи во Унгарија.
Меѓу поинтересните моменти кои произлегоа од средбата во Охрид, беше предлогот на унгарскиот премиер да посредува меѓу Скопје и Софија за изнаоѓање решение за спорот меѓу двете земји, што веднаш беше одбиен од тогашната техничка влада во Бугарија.
Како што изјави тогаш Орбан на прес-конференцијата со неговиот домаќин, најважната тема за време на средбата со Мицкоски било зачленувањето на Македонија во Европската Унија и улогата на Унгарија како тогашна земја претседавач со Европската Унија.