Срамен е и молкот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, додаде портпаролката на СДСМ на денешната прес-конференција, прашувајќи зошто претседателката на државата не реагира во врска со овие, како што рече, навреди и дискриминации
Откако вчера опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) побара оставка од министерката за финансии поради упатените лични напади базирани на семејната состојба на пратеничката Славјанка Петровска на завчерашната седница на Собранието, од партијата денеска го прозваа премиерот Христијан Мицкоски со барање веднаш да ја разреши Гордана Димитриеска-Кочоска од функцијата.

Барањето на социјадемократите на прес-конференција денеска го изнесе портпаролката Богданка Кузеска, наведувајќи дека по одбивањето на министерката да ја признае грешката и да си понесе оставка, сега е на потег премиерот.
„Министерка која навредува, дискриминира и гази врз човечкото достоинство не смее да биде дел од Владата. Бараме Мицкоски веднаш да ја разреши Кочоска. Таа има прекршено најмалку девет члена од Етичкиот кодекс на министрите. Нејзиното разрешување е чин на праведност, чин на почит кон секоја жена, човек кој бил жртва на дискриминација. Сега, Мицкоски, ти си на потег. Ќе покажеш ли храброст да ја разрешиш Кочоска? Ќе застанеш ли зад моралните вредности или ќе продолжиш да ја штитиш? Нели ветуваше дека секој функционер што ќе погреши, ќе сноси одговорност? Покажи на дело или погази си го зборот уште еднаш“, рече Кузеска.
Срамен е и молкот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, додаде портпаролката и праша зошто претседателката на државата не реагира во врска со овие, како што рече, навреди и дискриминации.
„СДСМ нема да дозволи омаловажувањето да стане новото нормално во државава. Ќе продолжиме да бараме морална одговорност и да се бориме против сите понижувања, дискриминации, омаловажувања и навреди на оваа власт! Ненормалното не може да биде нормално во оваа земја. Граѓаните заслужуваат подобро. Жените заслужуваат подобро. Секој човек заслужува подобро!“, кажа портпаролката на СДСМ.
На почетокот на прес-коннференцијата, таа рече дека навредите и дискриминацијата на министерката за финансии кон пратеничката Петровска и кон сите жени не смеат да бидат затворена тема.
„Кога министерка јавно ќе изјави дека жена која од одредени причини не можела да има деца, нема право да зборува за семејството, тоа не е само навреда. Тоа е понижување. Тоа е ароганција. Тоа е дискриминација. Тоа е нечовечност. И наместо да се извини, да ја признае својата грешка и да поднесе оставка, Кочоска продолжи со напади, обвинувајќи дека некој ‘глумел жртва’. Со ова однесување Кочоска покажа дека нема ниту грам морал, ниту грам совест“, наведе Кузеска.
Министерката за финансии вчера, одговарајќи на новинарко прашање, рече дека темата во врска со пратеничката Славјанка Петровска за неа е затворена и дека продолжува да се фокусира на својата работа.
„Веќе изразив жалење за целиот контекст. Но, и самите сте свесни дека народот има поважни теми од лажната тема што ја создаваат за дефокус. Немав намера никогаш да навредам некого, напротв. И таа самата го знае тоа. Ама, вака ѝ чини сега, да изигрува жртва“, рече таа.
Според неа, реакциите во јавноста излегоа откако „се координираа да прават тема од ова“.
На завчерашната седница во Собранието, пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Славјанка Петровска, поставувајќи прашања се осврна на неодамнешните изјави на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината млеко што треба да ја консумира едно семејство.

Одговарајќи, Димитриеска-Кочоска ја праша Петровска „врз основа на што ги ставате во уста мајките што имаат деца и како вие знаете едно повеќечелно семејство колку треба да троши. Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство“.
Неколку часа по настапот во Парламентот и по бројните реакции од членови на СДСМ, други политички партии и од граѓани, со објава на Фејсбук се огласи министерката за финансии, која рече дека никогаш немала намера да ја навреди пратеничката Славјанка Петровска, но оти почитта мора да се заслужи. Според неа, дел од јавноста е манипулиран. Таа жали што нејзините зборови биле погрешно разбрани.