„Суштината е дека оваа држава е создадена врз основа на некакви процеси што се случиле во минатото и што се прераскажани во текстот од химната. Со тој текст искажуваме почит кон тие процеси, не поради етничката припадност, туку поради тоа што тие процеси и таа жртва во тиее процееси се создала оваа држава. И тука нема Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми итн“, рече премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во гостување на Дневникот на ТВ Алсат рече дека размислува за промена на државниот грб, но дека апсолутно не размислува за промена на химната, бидејќи во неа се препознава континуитетот на создавање на една држава.

„Химната е темелна вредност на една држава, односно еден од трите суштински атрибути што ја дефинираат државноста. Химната претставува историска генеза, која практично ја прераскажува историјата на создавањето на една држава и на една нација. И јас тука не гледам никаква причина зошто таа би се менувала или во кој дел таа би се менувала. Тоа е исто како Французите да речат, ќе ја менуваме канадската химна, бидејќи нема премногу француско или обратно, а Англичаните да речат ќе ја менуваме, бидејќи нема премногу англиско, а има премногу француско“, кажа премиерот.
Според него, химната не е дефинирана во Уставот, за да се менува Уставот, туку е дефинирана со закон, за чија промена е потребно двотретинско мнозинство.
На прашањето како ги коментира иницијативите да се направи химна со два текста, едниот за Албанците, а другиот за Македонците, Мицкоски вели дека не станало збор на таа тема, ниту, пак, на памет не му паѓа да влегува во расправа во која ќе се менува текст на химна, која отсликува историска генеза за создавањето на државата.
„Химната е дефинирана со текст. Дали некој ќе одлучи химната да ја емитува со текстот или без текстот, тоа е одлука на организаторот. Честопати сум бил на настани каде се слушала само мелодијата, без текстот“, вели тој.
На дополнителното прашање дека химната не ја отсликува мултиетничноста на државата, премиерот рече дека во тој случај влегуваме во голема замка и можат да се дадат 100 аргументи спротивни на таа теза.
„Суштината е дека оваа држава е создадена врз основа на некакви процеси што се случиле во минатото и што се прераскажани во текстот од химната. Со тој текст искажуваме почит кон тие процеси, не поради етничката припадност, туку поради тоа што тие процеси и таа жртва во тиее процееси се создала оваа држава. И тука нема Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми итн“, рече Мицкоски.
Во однос на тоа дали има иницијатива за промената на државниот грб, Мицкоски вели дека неговата изјава на оваа тема е резултат на брифинзи кои излегле во јавноста во одредени медиуми.
„Претпоставувам дека новинарот што ми го постави прашањето беше инспириран од тоа. Дадов внимателен одговор дека владата во која беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, која ја предводеше Никола Груевски имаше договор да се смени државниот грб“, рече тој.
Сепак, додаде дека ако има таква иницијатива јавноста ќе знае и истата ќе влезе во Собранието.
„Ако има, ќе знае јавноста. Дали размислувам? Да. Ценам дека хералдичкиот симбол, земскиот лав е симбол на сите генерации што живееле на овие простори. Дали постои политички консензус или општеествен косензус, од ова што го видовме во јавноста е очигледно дека не постои. И тука заклучокот е јасен“, вели премиерот.
На дополнителното прашање дека лавот е симбол и на ВМРО-ДПМНЕ, додаде дека тој е симбол и на други политички партии, не само на неговата.
Дали ќе прифати грбот да се дефинира во пакет со промена на химната и со промена на формулацијата „20 отсто за Албанците и албанскиот јазик“, Мицкоски одговори дека не станува збор за прифаќање или неприфаќање, оти таква тема не е предмет на разговори.
Лидерот на партијата Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, смета дека со промената на државниот грб треба да се смени и химната. Тој смета дека такво нешто би можело да се постигне на неколку начини. Првиот е да се направи химна со два текста, едниот за Албанците, а другиот за Македонците, а вториот начин е да се направи химна со еден текст што ќе ги вклучи сите ентитети и ќе може да се пее на сите нивни јазици. Третата опција, според Ибрахими, е химна без текст.
Против промеена на химната се изјасни и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која смета таа ја одразува историјата на Македонија и нема зошто таа да се менува.