Ибрахими, кој доаѓа од партијата на собранискиот спикер Африм Гаши, вечерва во емисијата „Дијалог кај Лајм“, рече дека во интерес на внатрешната кохезија е химната да ги претставува сите заедници кои живеат во Македонија
Лидерот на партијата Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, смета дека со промената на државниот грб треба да се смени и химната.
Ибрахими, кој доаѓа од партијата на собранискиот спикер Африм Гаши, вечерва во емисијата „Дијалог кај Лајм“, рече дека во интерес на внатрешната кохезија е химната да ги претставува сите заедници кои живеат во Македонија.
Тој смета дека такво нешто би можело да се постигне на неколку начини. Првиот е да се направи химна со два текста, едниот за Албанците, а другиот за Македонците, а вториот начин е да се направи химна со еден текст што ќе ги вклучи сите ентитети и ќе може да се пее на сите нивни јазици. Третата опција, според Ибрахими, е химна без текст.
„Еден од начините е химна без текст или да се направи друг текст кој ќе биде без етнички идентитет или каде што ќе бидат вклучени сите други етникуми таму и ќе може да се пее на кој било јазик од која било етничка припадност. Македонците, Албанците, Турците и другите можат да ја пеат на својот јазик. Постои уште една опција текстот да се адаптира и да биде погоден за сите други етникуми. За нас Албанците, мелодијата на химната не е толку проблематична колку е текстот на химната. Во духот на државната кохезија и во духот на добрата волја во Северна Македонија, мислам дека е во интерес на државата прашањето за химната да се дискутира во пакетот за грбот. Дали може да има два текста за химната? Не е исклучено ниту Албанците да имаат свој текст на химната”, рече Ибрахими во емисијата „Дијалог кај Лајм“.
Откако премиерот Христијан Мицкоски откри дека со коалициските партнери го отвориле прашањето за промена на државниот грб, дел од лидерите на партиите кои се дел од коалицијата „Вреди“, владин партнер на ВМРО-ДПМНЕ, посочија дека грбот треба да се смени во пакет со химната.
По ова, од СДСМ јавно прашаа дали во владејачката коалицијата се разговара за промена и на химната, што од ВМРО-ДПМНЕ децидно го отфрлија.
„Граѓаните може да бидат спокојни. ДУИ матрицата на етнизирање на сите важни прашања, и СДС пинг-понг политиката треба да престане. Ниту некогаш било разговарано за промена на химната ниту, пак, во иднина ќе се разговара. Времето на ДУИ и СДС на губење и порази на сите теми со цел да се затскрие криминалот – помина“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.