Законските измени предвидуваат и глоби за трговците кои ќе постапат спротивно на одредбите од овој закон и на одредбите за овластувањата што ги имаат државните пазарни инспектори

Трговците на мало ќе треба на дневна основа на нивните веб-страници да ги објавуваат цените на производите во маркетите. Оваа обврска за трговците на мало произлегува откако денеска на собраниска седница беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите, а кој стапува во сила по неговото објавување во „Службен весник“.
„Големите, средните и малите трговци кои вршат дејност трговија на мало, со шифра 47 согласно со Националната класификација на дејности – НКД Рев. 2.1, се должни на својата веб-страница да ја објават, одделно за секој свој продажен објект, тековната продажна, односно единичната цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нудат за продажба. Усогласувањето на цените ќе се врши на дневна основа“, се наведува во Законот.
Откако овој закон ќе стапи во сила, трговците имаат рок од 45 дена да го усогласат своето работење со одредбите од овој закон.
Законските измени предвидуваат и глоби за трговците кои ќе постапат спротивно на одредбите од овој закон и на одредбите за овластувањата што ги имаат државните пазарни инспектори.
Предлогот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите, по скратена постапка, беше поднесен од пратениците Ѓорѓија Сајкоски, Бојан Стојаноски, Никола Мицевски, Ели Панова и Дафина Стојаноска.
Поднесувањето на овој предлог дојде откако на владина седница на 11 февруари маркетите добија препорака да започнат процедура за транспарентно објавување на цените на сите производи и нивно редовно ажурирање на дневна основа. Целта на оваа препорака, како што рече тогаш портпаролката Марија Митева, е да се придонесе кон поголема транспарентност од каде граѓаните сами ќе можат да одлучат во кои од маркетите ќе пазарат, да ја видат разликата во цените. Митева рече дека ваквиот пристап кој има карактер на препорака, а не на ограничување ќе придонесе кон некое усогласување на самите цени на производите.
На денешната собраниска седница пратениците од власта рекоа дека очекуваат поголема транспарентност на цените во маркетите, подобрена конкурентност и намалување на цените.
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овој закон се носи во насока на заштита на стандардот на граѓаните.
Тој рече дека со поднесување на овие законски измени, одлучиле да одат во две насоки – да ги прифатат практиките што се подобри во западните држави и да ги земат мерките што досега се покажале добри во практика.
„Граѓаните сега ќе можат да одберат каде ќе ги трошат нивните пари бидејќи не е нормално да имаме цени во маркети кои се највисоки на балканско ниво, цени повисоки отколку што имаат членки на ЕУ, не е нормално. Сигурни сме дека во наредниот период ќе има намалување на цените што ќе биде прифатливо и за македонските граѓани“, рече Стојановски.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, додаде дека овие законски измени ќе придонесат и за конкурентност меѓу самите трговци и нагласи дека од него се исклучуваат микротрговците и трговците поединци.
Инаку, од 20 февруари дел од основните прехранбени производи во маркетите треба да се продаваат со пониски цени, откако Владата донесе мерки за ограничување на бруто-профитната маржа и за замрзнување на цените.
Со ограничена бруто-профитна маржа од пет отсто треба да се продаваат млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко. Месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините ќе имаат ограничена маржа од 10 отсто, а на 15 отсто се ограничува на средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчукот, детергентите, бебешката храна, пелените, сапунот, тоалетната хартија. Како највисока цена што треба да се земе за ограничувањата е онаа што важела на 1 февруари годинава.
По одлуката на Владата за ограничување на маржите на околу сто групи производи од Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун изразија незадоволство и побараа итна средба со премиерот и ресорниот министер.
Оттаму рекоа дека опфатените артикли се премногу – од 1 000 до 1 500 артикли и бараат преполовување на бројот на артикли. Како второ барање е државата да може да ги земе предвид трошоците на секој трговец и како трето, рокот на мерките е премногу голем, два и пол месеци – да биде до еден месец.