Со реконструкцијата ќе бидат опфатени седум хируршки сали, боксови за интензивна нега, придружни простори, како и делот за стерилизација и биохемиска лабораторија, микробиолошка и лабораторија за патологија, но и на кровот, а според најавите ќе има поставување на ефикасен систем на греење и ладење и промена на лифтовите

Од средина на јуни годинава треба да почне реконструкција на дел од Градската општа болница „8 Септември“, најавија денеска од Владата.
Реконструкцијата треба да трае 3-4 месеци и таа ќе го опфати хируршкиот дел, лифтовите, кровот и системот за греење и ладење.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека реконструкцијата на ГОБ „8 Септември“ ќе помогне во подигнување на квалитетот на услови за пациентите.
Проектот, како што вели Николоски, предвидува реконструкција на хируршкиот дел во вкупна површина од 2 000 квадратни метри.
„Ќе се реконструираат седум операциони сали од кои две ќе бидат за абдоменална хирургија, две за уролошки интервенции, една за уво, нос и грло и една за очна хирургија и она што за прв пат се воведува е роботска хирургија, нешто што сме го гледале во странство досега“, рече Николоски на денешната прес-конференција на која заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари го најавија овој проект.
Тој додаде дека со реконструкцијата ќе биде опфатен и делот за интензивна нега на површина од 500 квадратни метри.
„Предвидени се седум целосно опремени боксови за пациенти со најсовремени кревети линиски поставени со централно мониторирање од страна на медицинскиот персонал“, додаде тој.
Николоски рече дека со проектот ќе бидат опфатени и придружни простории од 800 квадрати, како и делот за стерилизација и биохемиска лабораторија на површина од 100 квадратни метри, микробиолошка лабораторија од 80 квадрати и лабораторија за патологија што, како што вели, многу ќе им помогне на онколошките пациенти и трансфузиолошка медицина.
Санација во ГОБ „8 Септември“ ќе има и на кровот, а според најавите ќе има поставување на ефикасен систем на греење и ладење, реконструкција на лифтовите.
„Се заедно треба да не донесе во ситуација некаде крајот на октомври да имаме целосна реконструирана болница ’8 Септември’ што ќе е од голем бенефит за граѓаните”, рече вицепремиерот Николоски.
Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека сите зафати за реконструкција што се најавуваат се неопходни за да се подобрат условите за пациентите.
„Неколку проекти паралелно ги започнуваме во здравството што беа неопходни. Идната недела почнуваме со реконструкција на КАРИЛ, потоа на 10 хируршки сали во Клинички центар. Трета реконструкција е на седум хируршки сали во ГОБ ’8 Септември’ што беа неопходни и на седум боксови за интензивно лекување. Исто така, и на 800 квадратни метри помошен простор. Капацитетите во Град Скопје после овие зафати што ќе се случат и во Клиничкиот центар и во ’8 Септември’ се доволен показател колку Владата и Министерството за здравство се заложуваат за да се подобрат условите за пациентите“, рече Таравари.
Реконструкцијата на ГОБ „8 Септември“ премиерот Мицкоски ја најави и вчера кога рече дека средствата во висина од 12 милиони евра се од проектот ТАВ. Тој додаде дека административно се е потврдено, поминато е на Влада и дека договорите се потпишани.