Во однос на предлог договорот помеѓу САД и Украина со кој Америка би добила дел од украинските права на рудници во замена за продолжување на американската воена помош, американскиот претседател вели дека двете страни се прилично блиску до договор
Секој ден се убиваат илјадници војници, додека ние зборуваме, тие умираат и токму затоа сакам да видам прекин на огнот и сакам да се постигне договор, изјави американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите во Белата куќа. Трамп рече дека тој морал пред се да се увери дека Русија навистина сака мир и оти сега мисли дека постои реална шанса за да се постигне договор за војната за која кажа дека никогаш не требаше да се случи. А, за да дојде до мир, вели, ќе биде потребно претседателите на Украина и Русија меѓусебно да преговараат.
„Мислам дека претседателот Путин и претседателот Зеленски ќе мора да седнат заедно, затоа што знаете што? Сакаме да престане убивањето на милиони луѓе“,
кажа Трамп.
Во однос на предложениот договор помеѓу Вашингтон и Киев со кој Америка би добила дел од правата на украинските рудници во замена за продолжување на воената помош, американскиот претседател изјави дека според него преговорите напредуваат и оти се прилично блиску до финален договор.
„Тие се чувствуваат добро во врска со тоа и тоа е значајно. Тоа е голема работа, но тие го сакаат тоа и тоа нè задржува во нивната земја. Тие се многу среќни за тоа, но ние ги добиваме нашите пари назад. Ова требаше да се потпише многу порано“,
изјави Трамп.
Американскиот претседател кажа и дека наскоро ќе има добри вести од Блискиот Исток иако не прецизираше за што конкретно станува збор, туку само кажа дека досега со САД владеел неспособен претседател кој ја довел државата во хаос.
Во меѓувреме, додека американската администрација е категорична дека нема да одвои нови финансиски средства за Украина, европските лидери интензивно работат на изготвување пакет воена помош за Украина во вредност од најмалку 20 милијарди евра, изјавиле тројца дипломати на Европската унија за „Политико“.
