Помошта, според изјавите на тројца дипломати за „Политико“, би вклучувала артилериски гранати, ракети и финансиски средства
Откако американскиот претседател Доналд Трамп го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за војната во Украина и откако републиканскиот претседател на Претставничкиот дом изјави дека Вашингтон нема да одвои дополнителна помош за Украина, европските лидери интензивно работат на изготвување пакет воена помош за Украина во вредност од најмалку 20 милијарди евра, изјавиле тројца дипломати на Европската Унија за „Политико“.

Според информациите, помошта би вклучувала артилериски гранати, ракети и финансиски средства, но дипломатите велат и дека финансиската помош би можела да се зголеми дополнително во пресрет на средбата на министрите за надворешни работи в понеделник во Брисел.
Процесот, согласно пишувањето на „Политико“, го координира високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, а помошта најверојатно ќе биде составена од национални придонеси на земјите членки, наместо од централниот фонд на унијата, бидејќи некои земји како Унгарија и Словачка се противат на идејата финансиите да се исцрпат од овој фонд.
В понеделник високи функционери на ЕУ, како и лидерите на Шпанија, нордиските и балтичките земји, ќе отпатуваат за Киев по повод третата годишнина од руската инвазија. Во исто време францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер ќе заминат за Вашингтон на средба со Трамп, при што Макрон ќе ги сподели заклучоците од консултациите со другите украински сојузници.
