Американскиот државен секретар вели дека доколку Обединетите нации се навистина посветени на својата основна цел тогаш можно да се постигне траен мир и покрај сите предизвици
Резолуцијата што Соединетите Американски Држави ја предлагаат во Обединетите нации е едноставна и историска, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио. Тој ги повика сите земји членки на организацијата да ја поддржат бидејќи со неа, како што кажа, ќе се исцртаат контурите на мапата кон мирот во Украина.

„Оваа резолуција е во согласност со ставот на Доналд Трамп дека ОН мора да се вратат на својата основна цел, како што е наведено во Повелбата на ОН, а тоа е одржување на меѓународниот мир и безбедност преку мирно решавање на споровите“,
вели Рубио.
Рубио кажа дека доколку Обединетите нации се навистина посветени на својата основна цел тогаш е возможно да се постигне траен мир и покрај сите предизвици.
Инаку, нацрт резолуцијата на САД, која е предложена пред третата годишнина од руската инвазија врз Украина, не ја именува Русија како агресор ниту, пак, повикува на повлекување на руските војници од украинска територија, што е целосна спротивност на изјавата поддржана од Европската Унија во која се нотираат овие точки. Во нацрт резолуцијата на Вашингтон се наведува дека е потребен прекин на конфликтот и во неа се изразува жалење за загубата на животите во тригодишната војна.
Резолуциите на Генералното собрание не се правно обврзувачки – но гласањето во најголемото тело на Обединетите нации се смета за глобален тест за расположението и ставовите за одредени прашања, пишува ДПА. Во пресрет на првата годишнина од војната во 2023 година, 141 од 193 земји членки гласаа за осуда на инвазијата на Москва.
