При увидот се вршела и споредба со исказите на оштетените лица – пријавители за начинот на кој наведуваат дека се интервенирало при распоредување на предметите

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип денеска извршил увид во Вишото јавно обвинителство Скопје, при што биле обезбедени докази во постапката за две кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување и малтретирање во вршење на службата поведена против јавен обвинител.
При увидот, како што информираат од Јавното обвинителство, биле документирани податоците што биле внесени во уписниците, како и начинот на внесување на предметите.
„Притоа, се вршеше и споредба со исказите на оштетените лица – пријавители за начинот на кој наведуваат дека се интервенирало при распоредување на предметите“,
се додава во соопштението од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека увидот во документацијата е извршен во согласност со одредбите на Законот за кривична постапка и оти за него ќе биде изготвен записник со констатации за сите присутни лица.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во ноември минатата година информираа дека е отворена истрага против јавен обвинител.
Тогаш потврдија дека наредбата за спроведување на истражната постапка ја донело Основното јавно обвинителство Штип, а јавниот обвинител против кого таа е насочена е осомничен за две кривични дела – малтретирање во вршење на службата според член 143 од Кривичниот законик и злоупотреба на службената положба и овластување од член 353. И во двата случаи, како што стои во соопштението, станува збор за продолжени кривични дела, што значи дека осомничениот јавен обвинител во извесен временски период делата ги вршел во континуитет.
Од републичкото Јавно обвинителство, согласно праксата, не го објавија името на обвинителот, но повеќе од извесно беше дека станува збор за шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи.
Според соопштението, истрагата е отворена по кривична пријава што вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје ја поднеле против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата.
Од државното Јавно обвинителство информираат и дека додека трае истражната постапка јавниот обвинител ќе биде оддалечен од извршување на функцијата.
Инаку, во него нема објаснување зошто истрагата е отворена од штипското Основно јавно обвинителство, а не од скопското. Причината за оваа околност најверојатно лежи во тоа што Вишото јавно обвинителство Скопје му е надредено на ОЈО Скопје.