Според лидерот на СДСМ, државниот грб, сосема соодветно, прво хералдиски ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје, а јасен е континуитетот и придобивките од Народноослободителната и антифашистичка војна и нема никаква поделба во однос на етничките групи
Доколку има иницијатива за промена на државниот грб, наjостро ќе се спротивставиме, рече денеска лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз, Венко Филипче, откако вчера премиерот Христијан Мицкоски потврди дека партиите од владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ го отвориле прашањето за промена на државниот грб.

„Сметаме дека државниот грб, сосема соодветно, прво хералдиски ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје. Јасен е континуитетот и придобивките од Народноослободителната и антифашистичка војна, а нема никаква поделба во однос на етничките групи. Доколку има таква иницијатива, со сите демократски средства најостро ќе се спротивставиме на промена на државниот грб“,
рече Филипче на денешниот брифинг со новинарите во седиштето на партијата.
Според него, ова е уште еден од низата ненајавени, а испланирани предлози на ВМРО-ДПМНЕ што се повторува од минатото, кога ВМРО-ДПМНЕ беше во коалиција со Демократската унија за интеграција (ДУИ).
„Првата дилема што се поставува е дали можеби внатре во коалицијата со ‘Вреди‘, давајќи го овој предлог за измена на државниот грб, не се разговара и за измена на химната. И тоа е нешто што ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори“,
кажа лидерот на опозицијата.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера потврди дека партиите од владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ го отвориле прашањето за промена на државниот грб.
„Ова прашање го отворивме. Ние сме една од двете постсоцијалистички држави што сè уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации“,
рече тој.
За потсетување, идејата за промена на државниот грб потекнува од 2014 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски излезе со таков предлог.
Станува збор за црвен лав на златно-жолта заднина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина.
Тогаш ДУИ се согласи на ваков државен грб, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале.