Милка Тримчевска не исклучува дека новата концепција за гимназиско образование ќе претрпи измени по забелешките од неколку институти и факултети, но од нејзиното интервју за „360 степени“ е јасно дека Бирото за развој на образованието е решено да спроведе промени, а не ситни модификации
Целта е, вели таа, да се создаде програма за ученикот од 21 век. И тој ученик, особено во последните години од средното образование, да има поголеми можности да си ја обликува наставата
Две недели откако беше објавена, не стивнуваат забелешки за нацрт-концепцијата за реформи во гимназиско образование.
„Што значи тоа – мајката на сите науки да ја ставиш да биде изборна? Од каде мислиш да почнеш и на каде мислиш да завршиш да одиш?“
вли Донев.
Првпат по отворањето на дебатата, во разговор за „360 степени“, со реплика излегува директорката на Бирото за развој на образованието.
„Откако ги сумиравме нивните барања, добивме еден нереално оптоварен наставен план. Доколку се земат забелешките и продолжат во тој правец, тогаш учениците би требало да имаат 10-11 часови во текот на денот,“
вели Тримчевска.
Ќе останат ли само на хартија критиките на дел од универзитетската фела и професорите од средните училишта?
Пред две недели екипата на „360 степени“ присуствуваше на час по Логика во скопското средно училиште „Георги Димитров“. Логика е еден од предметите што со новата предлог Концепција за гимназиско образование се укинува како посебен предмет и ќе се изучува во рамки на предметот Филозофија. А предметот Филозофија, пак, од задолжителен добива статус на изборен предмет.
„Никаде на друго место нема ваква ситуација да ние да разговараме дали треба филозофија и етика дали да ги има во образованието или не. Поставувањето на суштинските прашања во било која наука произлегува од филозофијата, развојот на науките е некаде засилен во 15, 16, 17 век наваму, но тој развој е условен од најголемите филозофи кои живееле во тој период“,
Трајче Серафимовски.

Трајче Серафимовски е еден од вкупно 31 професори по филозофија, етика и логика од гимназии низ земјава кои упатија отвореното писмо до Владата против новата концепција. Освен јавно, имаа можност и формално да упатат забелешки до предлагачот – Бирото за развој на образованието.
Директорката на Бирото, Милка Тримчевска, вели дека веќе се пристигнати забелешките по формалниот канал. И, најголем дел се за укинувањето, односно намалувањето на часовите за одредени предмети.
„Сите тие сметаат дека токму нивниот предмет е клучниот, незаменливиот и дека тој треба да биде задолжителен за сите ученици. Нормално, на нивно барање со повеќе часови со продлабочено изучување, меѓутоа откако ги сумиравме нивните барања, добивме еден нереално оптоварен наставен план доколку се земат забелешките и продолжат во тој правец, тогаш учениците би требало да имаат 10-11 часови во текот на денот, што е апсолутно преголем товар за нивната возраст. А бројот на предмети би се зголемил над 20, што исто така доведува до преоптовареност. И сега од една страна, наместо да се гради логичен образовен систем, секоја институција си бара свој простор од свој аспект на гледаност што резултира со неефикасен пристап“,
вели Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието.

На прашањето – како дошле до заклучокот дека токму овие предмети треба да се укинат, односно од редовни да станат изборни, Тримчевска вели дека е спроведено опсежно истражување во кое учествувале над 7 илјади ученици и околу 1 700 наставници. Тоа не е единствениот документ на кој се базира концепцијата, додаде таа, но не посочи конкретно кои се другите.
Она што ја потврдило потребата од реформи и модернизација на образованието, според неа, се резултатите од редовните тестирања.
„Резултатите од меѓународните тестирања, резултатите од државната матура кои континуирано покажуваат дека нашите ученици имаат слаби постигања особено во делот на критичкото размислување, примената на знаењата на интердисциплинарните вештини и сл. Ова не е само изолиран случај кој го дискутираме, туку на ова искажуваат свои мислења и универзитетски професори кои во многу наврати наведуваат дека генерациите коишто во последните години доаѓаат како бруцоши на факултет, доаѓаат неподготвени во клучните знаења и академски вештини. Сите овие фактори зарем не покажуваат потреба од реформи и што би можело да биде поголем показател?
– Зошто тогаш се укинуваат предмети кои го поттикнуваат критичкото мислење кај учениците, како логика, етика, филозофија и социологија? Која е целта која се сака да се постигне?
Која е целта, прво нема предмети и теми кои што се укинуваат, тоа е едната работа. Меѓутоа, од друга страна, се дава можност на персонализизрање на програмата на ученикот. Да носат одлуки и претходно реков на 17 години се доволно зрели да можат тие да си го креираат своето образование, затоа што оваа концепција е така креирана да во фокусот е ученикот и неговите потреби.
-Мислите дека критичкото мислење ќе се поттикне со намалување на бројот на часови на овие предмети кои би требало да ги дадат резултатите?
А критичкото мислење зарем само во овие предмети го согледуваме?“
вели Тримчевска.
Бирото ја објави предлог-концепцијата, но не и нејзините автори. Тоа предизвика критики и обвинувања од дел од стручната јавност – дека ја кроеле луѓе кои не се експерти за засегнатите области.

Универзитетскиот професор Ристо Солунчев својата критика ја изрази преку аналогија која се однесуваше на министерката за образование Весна Јаневска, која е поранешна универзитетска професорка по патологија.
„Тоа е отприлика вака, кога јас би станал министер и одам на медицинскиот факултет и сметам дека треба да се направи реформа на програмата, само доволно е да се повикам на флоскули како модернизација или такво нешто. Да отидам таму и да кажам дека нема потреба од патологија предметот затоа што претходно има патолошка физиологија и сега го тргате патологија, а патолошка физиологија го имате како изборен предмет и сметате дека патолошка физиологија како изборен предмет може да ги покрие клучни компоненти на предметот патологија. На тоа изгледа ова“,
порача Солунчев.

Директорката на Бирото за развој на образованието возвраќа дека Концепцијата ја правел стручен кадар, дека биле вклучени повеќе сектори и дека таа не е затворен документ. Сепак, не откри имиња.
„Овој документ не е индивидуален труд. Тој е официјален предлог на институцијата и е ставен на јавна расправа со цел да се добијат предлози, сугестии забелешки, апсолутно од целата јавност, вклучително и од стручната заедница. Така што, ниту овој документ е конечен, напротив, е многу транспарентен, значи изработена е некоја нацрт-верзија. Транспарентно е поставено на електронска јавна расправа, но не само и по тој пат, ние сме отворени за соработка при креирањето на овој документ до конечно донесување, па ќе имаме сосема доволно време да се искреираме документ кој ќе ги задоволи да речам потребите на ученикот на 21 век“,
додава Тримчевска.

Во моментов предметот Филозофија задолжително го изучуваат гимназијалците во четврта година. Предметот Етика е изборен во втора и задолжителен во трета во општествено-хуманистичко подрачје – Б комбинација. Логика е задолжителен предмет во четврта година, во општествено-хуманстичко подрачје А комбинација. Со предложените измени, Филозофија би станал изборен предмет во трета и четврта година, а Етика и Логика не се на ниту една листа предмети. Ниту за почетно, ниту за продлабочено изучување, туку се вметнати како наставна единица во другите предмети.
Промени има и кај други предмети за кои реакции имаше од Институтот за социологија, Сојузот на математичари, Факултетот за ликовна уметност, Друштвото на физичари, Институтот за математика при ПМФ и други.