Што се донесува до изградбата на нов клинички центар, што со години го ватувас безмалку сите владејачки гарнитури, министерот за здравство вели дека за 2025 година нема таков план
Градската општа болница „8 Септември“ треба да биде втора клиничка болница во Скопје, смета министерот за здравство, Арбен Таравари. Според него, болницата е клинички центар, но и формално треба да ѝ се дадат повеќе ингеренции.

Таравари ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање околу планот за ГОБ „8 Септември“ и дали Владата и Министерството се откажале од идејата за нов клинички центар.
„Не, продолжуваме, јас мислам дека „8 Септемри“ треба да биде втора клиничка болница во Скопје. „8 Септември“ и е клиничка болница, меѓутоа треба да ѝ се дадат повеќе ингеренции и мислам дека „8 Септември“ треба да остане како и досега добра резерва за клинички центар“,
рече министерот за здравство.
Прашан дали таму се планираат нови вработување, Таравари одговори:
„Па секаде планираме, 600 специјализнати, 1 200 вработувања се во тек и се очекува сите здравствени установи да ги средат систематизациите и да започнат со давање решенија. Во меѓувреме јас се надевам дека ќе има и нови луѓе коишто ќе се вработат со договор на дело, бидејќи има дефицит, особено на средномедицински кадар“
Што се донесува до изградбата на нов клинички центар, што со години го ватувас безмалку сите владејачки гарнитури, министерот за здравство вели дека за 2025 година нема таков план.
„За 2026 ќе зборуваме и ќе ви кажиме доколку има нешто конкретно“,
рече Таравари.
Дека идејата за изградба на нов клинички центар е ставена на пауза и оти сега актуелен планот Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје да стане регионален центар за лекување на пациентите од главниот град, но и на тие од Куманово и Велес, во четвртокот кажа и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, презентирајќи го буџетот на Фондот за оваа година.
„Демографијата ни паѓа. Со текот на годините имаме сè помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројот на осигуреници и пациенти. Дел од болничките капацитети низ државата не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандардите за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ‘8 Септември‘“,
рече Клековски.
Министерот за здравство беше прашан и за изградбата на новиот Клинички центар во Штип на што тој одговори дека не само оваа, туку и други болници чија изградба или реновирање било почнато се оставени така како што биле.
Тој изрази надеж дека по јуни ќе се почне со проект за реновирање, односно нови болници во Штип и Кичево.
„Условите во болниците се тие што се, генерално. За жал за 30 години не е изградена ниту една нова болница. Струмица, „Свети Еразмо“, Кичево и Штип кои се започнати оставени се така како што е оставено. Работено е една, две, три години и потоа е оставено. Јас се надевам дека некои од овие проекти ќе ги продолжиме. Сега ако ви кажам дека веднаш ќе ги направиме, тоа е невозможно. Оваа година, во план ни се четири болници за да започнеме. Струмица, „Свети Еразмо“, Кичево, Штип. Овие ни се во план за оваа година и реновирање на оддели и тука на Клинички, но и во други болници, во Тетово, во Гостивар, меѓутоа нови болници за шест месеци или една година невоможно е да се направат“,
рече Таравари.

Министерот за здравство, говорејќи во таа насока, рече оти е оптимист дека барем болницата во Струмица и „Свети Еразмо“ во Охри да бидат завршени оваа година, а новите болници во Штип и Кичево да бидат готови барем за две години.
Инаку, Таравари денека присуствуваше на официјалното пуштање во употреба на новата компресорска станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, која беше инсталирана минатиот месец и се тестираше изминатите десетина дена.
„Со компресорска станица се покриени сите 18 хируршки сали на хирургија, салите на оториноларингологија, офталмологија и максилофацијална хирургија“,
изјави Таравари.
Централниот систем за кислород и компримиран воздух во хируршките сали во Клиничкиот центар беше надвор од функција од 18 мај минатата година поради непријатниот мирис што се ширел од него. Оттогаш хируршките клиники во Клиничкиот центар почнаа со користење на надворешни компресори во операционите сали.
