На прашањето дали има повратна информација дека препорачаните апликации од упатството веќе се користат, министерот одговори дека тоа не е обврска на училиштата туку, како што рече, „домашна задача за родителите“

Доколку некоја појава од инцидент прераснува во пракса тогаш стои на располагање алатката за забрана, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во однос на тоа дали се разгледува можноста за забрана на платформата Тик-ток, на која најнов опасен предизвик за децата е „Парацетамол“.
Андоновски вели дека пристапот кон Тик-ток ќе се следи како и со онлајн игрите на среќа.
„Тоа ад хок однесување прави повеќе штета отколку напредок во функционирањето на државите. Ние имаме малку поразличен пристап, како што видовте со онлајн игрите на среќа. Кога е забележано дека тоа претставува проблем за поширок круг на граѓани, ние пристапуваме кон законски измени и кон забрана на пристапот на онлајн игрите на среќа коишто се нелегални. Истиот пристап ќе го имаме и кон овие апликации. Доколку забележиме дека тоа од инцидент станува редовна практика, како што стануваат нелегалните онлајн коцкарници, тогаш ќе пристапиме кон забрана“,
рече Андоновски денеска одговарајќи на новинарско прашање при посетата на ОУ „Димитар Македонски“ во Лисиче, а по повод Денот на побезбеден интернет.
Сепак, тој додава дека не сака да излегува со различна изјава секоја недела и да го менува ставот во зависност од тоа каков предизвик се појавил и на која социјална мрежа.
„Кога ќе видиме дека тоа прераснува во пракса, стои на располагање алатката за забрана“,
рече Андоновски.
Тој упати и на користење на упатството што пред две недели е доставено до училиштата, а во кое се дадени предлози за заштита на најмладите од предизвиците на интернет.
Упатството, рече тој, има два дела, од кој вториот е наменет за родителите, и е достапно за секој што е заинтересиран на веб-страницата и фејсбук-профилите на министерството.
„Тоа јасно објаснува кои ресурси можат и треба да ги користат училиштата, во разговор со учениците, и кое однесување треба да го имаат. Вториот дел на тоа упатство се предлози на апликации кои родителите може да ги искористат за да забранат одредени страници или содржини за нивните деца на нивните мобилни телефони, мобилни уреди, смарт-уредите и на телевизорите дома. Се надевам дека ќе го користат. Ставивме и некои теми коишто сметам дека се важни да се обработуваат на одделенски или на класен час, така што мислам дека во тој дел ќе помогне“,
изјави Андоновски.
На прашањето дали има повратна информација дека препорачаните апликации од упатството веќе се користат, министерот одговори дека тоа не е обврска на училиштата туку, како што рече, „домашна задача за родителите“.
„Од секој родител зависи како неговото дете се однесува. Тоа е процес на домашно воспитување, на здрави навики и навики на однесување. Ние апелираме на свеста кај родителите да ги искористат овие апликации кои ние им ги нудиме како ресурс. Доколку имаат потреба од дополнително објаснување, исто така стоиме на располагање – и на училиштата, и на родителите. Но, не смееме да заборавиме дека ова е првенствено задача на семејствата и на родителите“,
истакна Андоновски.
За предизвикот „Парацетамол“, кој станува актуелен на Тик-ток, а во кој млади лица внесуваат големи количини на лекот парацетамол, дел од докторите веќе информираа за штетните последици.
Доктор Нико Беќаровски вели дека труењата со парацетамол се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Тој вели дека дури и мали дози 10-15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб, а оти 20-40 таблети предизвикуваат сериозни труења и оштетувања на црниот дроб. За труењата со над 50 таблети, Беќаровски вели дека многу често завршуваат со смрт, дури и при интензивно лекување.
