Тој вели дека како министерство стојат на располагање за помош на Министерството за образование и наука и на сите други институции ако и понатаму се појавуваат вакви проблеми

Хибридни закани се пораките со предупредувања за поставени експлозивни направи што на електронските адреси ги добија училиштата во петокот, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Тој вели дека Министерствата за внатрешни работи и за образование и наука, како и општините, во текот на денот постапиле многу соодветно и оти последиците биле решени.
Она на што се работи, додава тој, е утврдување на причините зошто тоа се случило.
„Хибридни напади ќе има, напади на нашата сајбер инфраструктура ќе продолжат, но многу е важно како институциите одговараат, а сега одговараат системски и во соработка едни со други“,
рече Андоновски.
Тој рече дека како министерство стојат на располагање за помош на Министерството за образование и наука и на сите други институции ако и понатаму се појавуваат вакви проблеми.
Според него, во петокот веднаш кога стигнале пораките биле во комуникација со министерката за образование и наука и била организирана ад хок работна група што ги разгледала проблемите со кои се соочува системот.
„Разликата од претходно е што веднаш, уште утрото, се слушнавме со министерката, организиравме со министерот за внатрешни работи една ад хок работна група која ги разгледа проблемите со кои се соочува системот, развивме неколку методологии коишто треба да се следат во наредниот период за превентива на подолг рок“,
изјави Андоновски.
Повеќе од 240 дојави за поставени бомби во петокот стигнале до училиштата во земјава. Од Министерството за внатрешни работи по извршените безбедносни проверки рекоа дека сите дојави се лажни.
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, рече дека се истражува која е целта и заднината на лажните дојави и додава дека во оваа насока се соработува со партнерите од Интерпол и Европол. Според неговата изјава, МВР ќе ги преземе сите превентивни и репресивни мерки доколку има потреба и ќе открива зошто се прават вакви лажни дојави.
