Досегашните резултати го отвораат прашањето дали Курти ќе може самостојно да формира влада бидејќи на овие избори доби помала поддршка од граѓаните за разлика од пред четири години, кога таа беше нешто над 50 отсто
Министерот за здравство на земјава, Арбен Таравари, кој доаѓа од коалицијата „Вреди“, вели дека нивниот политички сојузник во Косово, партијата Самоопределување на актуелниот премиер Албин Курти, постигнала добри резултати на вчерашните избори.

Очекувањата на Таравари се дека Самоопределување ќе може самостојно да формира влада, а доколку конечните резултати покажат дека нема доволно гласови за тоа, мнозинството да го обезбеди со коалицирање.
Според министерот за здравство во македонската влада, на Косово му е потребно Албин Курти да ја води земјата во уште еден мандат.
„Добри резултати, околу 42-43 отсто, плус треба да се избројат гласовите на дијаспората. Нивните очекувања (на Самоопределување) се околу 45 проценти и се надевам дека самостојно ќе направат влада. Меѓутоа, и да не направат, мислам дека ќе биде со коалицирање, бидејќи (Самоопределување) има најголема доверба. Втората и третата партија имаат заедно помалку отколку г. Курти. На Косово му е потребен г. Курти да продолжи уште четири години со владеење“,
изјави денеска Таравари одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на новата компресорска станица во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
За потсетување, коалицијата „Вреди“ доби поддршка од Самоопределување пред парламентарните избори што пролетоска се одржаа во земјава, а по кои коалицијата на дотогаш опозициските партиите на Албанците во земјава стана дел од владејачкото мнозинство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ.
Честитка до лидерот на Самоопределување и актуелен премиер на Косово, Албин Курти, денеска упати и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, кој како и Таравари доаѓа од коалицијата „Вреди“.
Гаши во честитката ја оценува победата на Самоопределување како достоинствена, додавајќи дека изборниот резултат ја отсликува довербата на граѓаните на Косово во визијата на Курти за развојот и безбедноста на Косово, како и благодарност за неговиот претходен успешен мандат.
„Искрени честитки до мојот пријател Албин Курти за достоинствената победа на движењето Самоопределување на парламентарните избори во Косово! Исто така, честитки за граѓаните на Косово! Се надевам дека нивниот глас ќе придонесе за унапредување на социјалната заштита, како и за европската иднина на државата. Северна Македонија останува посветена на продлабочување на соработката, а нашите пријателски односи остануваат непоколебливи“,
вели претседателот на македонското Собрание во честитката.
Во Косово вчера се одржаа парламентарни избор, на кои убедлив победник е лидерот на Самоопределување, Албин Курти, кој изминатите четири години ја предводеше владата во Приштина, по победата на вонредните избори во февруари 2021 година.
Сепак, досегашните резултати го отвораат прашањето дали Курти ќе може самостојно да формира влада бидејќи на овие избори доби помала поддршка од граѓаните за разлика од пред четири години, кога таа беше нешто над 50 отсто.
Според последните податоци на Централната изборна комисија на Косово, врз основа на повеќе од 88 отсто преброени гласови, Самоопределување освоило 41,29 отсто од гласовите.
На второ место е Демократската партија на Косово со 21,83 отсто, а на трето е Демократската лига на Косово со 17,74 отсто од гласовите.
На четврто место е Алијансата за иднината на Косово со 7,68 отсто од гласовите.
Српската листа освои 4,05 отсто од гласовите, што значи мнозинство од гласовите на српската заедница во конкуренција на уште пет политички субјекти кои се натпреваруваа на изборите.
Изборниот ден, кој помина без никакви инциденти, но како што пренесуваат косовските медиуми, остана во сенка на неуспехот на Централната изборна комисија да ги објави изборните резултати за политичките партии во реално време. Иако новиот Изборен закон предвидуваше прелиминарните резултати на партиите да бидат објавени во рекордно време, тоа не се случи.
Косовскиот парламент брои 120 пратенички места. Од нив на малцинските заедници им се загарантирани 20, од кои 10 се за српската заедница. За избор на влада потребно е апсолутно мнозинство, односно поддршка од 61 пратеник.

Прелиминарните резултати засега даваат нејасна и неизвесна ситуација за бројот на пратенички места во косовскиот парламент, како и за тоа кој ќе ја формира новата влада, оценува Балканската група за политика во Приштина.
Директорот на групата, Наим Рашити, за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа вели дека сегашните резултати може да се променат за секој политички субјект со пребројувањето на гласовите од дијаспората, како и на условните гласови.
„Движењето Самоопределување има околу 42 отсто, што значи 47 пратеници. Со гласовите на дијаспората (гласовите од странство) можеме да имаме уште двајца или тројца пратеници. Ако Самоопределување достигне 49-50 места, ќе имаме различни калкулации“,
вели Рашити за РСЕ.
Лидерот на Самоопределување, Албин Курти, доцна синоќа, повикувајќи се прелиминарните резултати, изјави дека дури и ПДК и ЛДК да се обединат, тие не можат да бидат како Самоопределување.
Тој, како што пренесува РСЕ, најави дека ќе продолжи да владее со партиите Гуксо и Алтернатива, кои се натпреваруваа во рамките на изборната листа на Самоопределување.
„Ние сме први и тоа е потврда за добро, успешно и демократско владеење. Нашата коалиција ќе ја формира идната влада. Ние сме победничкиот субјект што ќе ја формира следната влада“,
рече Курти.
