Проценетата вредност е 123 милиони евра, а тоа што ме радува е што обезбедивме 20 милиони евра грант или подарок, што не е мала работа, тоа е 20 % од самиот пат, кажа Николоски
Започнува да се гради целосно нов автопат од Кичево до Букојчани, на пролет или до летото ќе се избере изведувач, обезбеден е поволен кредит и неповратни средства од ЕБРД, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Сител.
Тој потенцира дека токму оваа делница недостасувала за целосно автопатско поврзување од Скопје до Охрид.
„Проценетата вредност е 123 милиони евра, а тоа што ме радува е што обезбедивме 20 милиони евра грант или подарок, што не е мала работа, тоа е 20 % од самиот пат. Во моментов имаме предквалификација, очекувам на пролет или до лето да се избере изведувач и на крај на 2028 година кога ќе заврши делницата Тетово -Гостивар –Букојчани, да се заврши и делницата Кичево -Букојчани. Веќе следната година ќе биде готов од Охрид до Кичево и на тој начин ќе имаме целосно поврзување. Должината е околу 12 киометри, но теренот е исклучително тежок, предизвикувачки е за инженерите да се совлада, но се нафативме и ќе го решиме“,
порача Николоски.
Тој најави деќа веке се прават законски измени кои следната недела веќе ќе се разгледуваат на владина седница а со кои ќе се олесни изградбата на втопатот Кичево-Охрид. Исто така истакна дека до пред почетокот на летната сезона ќе се пушти во сообраќај 40 километри од автопатот од потегот на Врбјани до Охрид, со мал пресек кај Ботун заради косини кои дополнително ќе се стабилизираат.

Во однос на железничкото поврзување од Коридорот 8, тој кажа дека на пругата кон Бугарија се заврши првата делница од 31 км од Куманово до Бељаковце, активно се работи на втората делница од 34 км од Бељаковце до влез на Крива Паланка и оти се надева дека за брзо време ќе почнат да ја работат и третата делница откако ќе биде постигнат договор со Бугарската Влада околу тунелот кој заеднички ќе се гради.
„Драго ми е што конечно дискусијата се сведе на техничко ниво, а не на политичко ниво. Јас доста отворено минатото лето излегов со проблемите кои што тој проект ги имаше и тоа беа чисто технички проблеми. За жал, тогаш Бугарија беше во предизборие и тоа политички се злоупотреби. Откако страстите се оладија сите сфаќаат дека сме било во право. Трите работи за кои што зборувавме излегуваат дека се така – дека мора да имаме тунел кој што ќе спојува, а не кој ќе оди до пола, дека Бугарија мора да го изведе својот дел од пругата и да го реконструира делот кој што веќе постои, и трето ние мора да направиме ревизија на цената затоа што е невозможно толку скапа да е цената,“,
посочи Николоски.
Тој не даде конкретен одговор на прашањето во однос на рокот кога може да се очекува дека ќе се договорат двете влади за тунелот кој што заеднички ќе се гради.
„Бугарската Влада испрати еден текст во суштина тоа е во рамки на тоа што го разговараа на техничко ниво делегациите и во Софија и во Брисел. Ние формиравме комисија од наша страна – покрај мене тука е министерката за финансии, министерот за надворешни работи и директорот на Железница – инфраструктура. Очекуваме слично да се формира и од нивна страна, да поразговараме, да се договориме и да добиеме јасна заложба од бугарска страна дека навистина и тие се подоготвени да трошат пари. Затоа што не е поентата ние да имаме железничка линија од Скопје до Крива Паланка, таа и вака и така ќе ја имаме. Поентатата е да имаме железничка линија од Скопје до Софија и до Буграс и на тој начин Коридорот 8 на источната страна да добие смисла,“
додаде министерот за транспорт.
